Научниците направија нова верзија на снимка со досега најдобар поглед на замрзнатата површина на месечината Европа. Мозаикот од снимки беше направен во доцните 1990-ти од страна на вселенското летало Галилео (Galileo). Воедно, ова е првпат НАСА да објави новонаправена верзија на снимка со помош на модерните техники за процесирање на слики.
Погледот кон Европа се издвојува по колоритноста со која се прикажува површината со висока резолуција. Поранешните снимки со помала резолуција, објавени во 2001 година, имаа бои кои беа пренагласени. Новата снимка е најблиску до погледот со човечко око.
Разните пукнатини низ замрзнатата површина откриваат многу тајни за геолошкото минато на Европа и хемискот состав на океанот за кој се смета дека се наоѓа веднаш под површината на оваа месечина.
Скриено под нејзината замрзната површина, се наоѓа местото кое во рамките на нашиот Сончев систем најмногу ветува во потрагата по средина погодна за живот. Мисијата Галилео пронајде силни докази дека потповршинскиот океан со солена вода е во допир со карпесто морско дно. Кружењето на материјал помеѓу океанот и ледената обвивка би можел да овозможи извори на хемиска енергија неопходни за одржување на едноставни форми на живот.
Како додаток на новопроцесираната фотографија, проследете го и ова видео, кое објаснува зошто овој океански свет има голема предност за натамошни истражувања.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Phys.org