Нова камера го проучува Окото на Саурон

0
ESO/SPHERE Consortium. Наликува на окото на Саурон, но всушност е најдобрата слика досега од формирање на планетарен систем.

Наликува на окото на Саурон, но всушност е најдобрата слика досега од формирање на планетарен систем. Заслуги: ESO/SPHERE Consortium

Кога астрономите користат нов телескоп или друго парче опрема за првпат, сакаат тоа да биде посебен момент. Сепак, доста пари и труд се вложува во процесот, а целата возбуда се состои во осигурувањето дека навистина функционира. Затоа, за Спектро-поларометрискиот висококонтрастен егзопланетарен истражувачки инструмент (Spectro-Polarimetric High-contrast Exoplanet Research instrument – SPHERE), тие одбраа ѕвезда која исклучително наликува на окото на Саурон.

Целта на SPHERE е толку возбудлива што не беше потребно ништо специјално, но нејзините оператори сепак ѝ дадоа почеток за паметење. Нејзината цел е директно да ги види планетите околу други ѕвезди. Иако ова е направено и претходно, на прсти се бројат планетите со точна комбинација на карактеристики кои беа во можност да бидат сликани на овој начин од 2004-та година.

Новата генерација на камери, вклучувајќи ја SPHERE и Gemini Planet Imager, се надеваат дека ќе го сменат тоа. Првата и есенцијална карактеристика е диск, наречен коронограф, кој има за цел да ја блокира светлината од Сонцето за планетата да не се изгуби во нејзиниот сјај.

Сепак, за било кој телескоп кој е лоциран во внатрешноста на Земјината атмосфера постојат одредени ограничувања – дел од светлината би бил распрснат пред да стигне до телескопот. Тука на помош доаѓа адаптивната оптика, прилагодувајќи ја формата на огледалата за да го избалансираат делувањето на воздухот. Планетите можат да ја поларизираат светлината која ја рефлектираат, така што капацитетот за детектирање на поларизација е исто така важен.

Јужноевропската опсерваторија забележува дека SPHERE употребува поинаков механизам за да го одбере минијатурниот планетарен сигнал од шумот на ѕвезден отсјај. Ова се прави на таков начин што „Се земаат многу слики од еден објект, но со значителна ротација на сликата помеѓу секоја следна. Карактеристиките во сликите кои ротираат се артефакти на процесот на обработка на слика, а карактеристиките кои остануваат на истото место се вистински објекти на небото.“

Овие карактеристики ја прават SPHERE погодна и за друг вид на работа, како што е да обезбеди чисти слики од планетарни системи во формирање. Сликата погоре е од HR 4796A, дел од широк, осум милиони години стар бинарен систем, оддалечен 237 светлински години. По блокирањето на HR 4796A, остануваме со поглед кон прашината која го обиколува, којашто се очекува со тек на време да формира планети. Се смета дека светлиот прстен е резултат на планета, којашто сè уште не е директно детектирана, а чијашто гравитација силно ја влече прашината во создавање, како што Сатурновите месечини им го прават тоа на прстените од самата планета.

SPHERE е прикачен на Многу големиот телескоп (VLT) во Чиле, и е пофален од првиот истражувач Жан-Лук Безит, кој вели: „SPHERE е многу комплексен инструмент. Благодарение на напорната работа на многу луѓе кои беа вклучени во нејзиниот дизајн, конструкција и инсталација, тој веќе ги надмина нашите очекувања.”

Превод: Лина Конеска

Извор: IFLS

Сподели.