Нов ловец на екстрасоларни планети на Паранал

0

Телескопот НГТС или NGTS (The Next – Generation Transit Survey) за првпат изврши набљудувања од Параналската опсерваторија на ESO (European Southern Observatory), во северно Чиле. Овој проект ќе бара транзитни екстрасоларни планети, односно планети кои поминуваат пред своите матични ѕвезди. Со тоа, тие предизвикуваат незначително затемнување од нивниот сјај, што може да се детектира со инструменти со висока чувствителност.

Телескопот ќе биде фокусиран на барање на планети со големина на Нептун, како и на помали планети, со дијаметар од два до осум дијаметри од Земјата.

НГТС е широкоагоален систем за набљудување, составен од 12 антени, секоја со дијаметар од околу 20 см. Велика Британија, Швајцарија и Германија со заеднички сили ја изградија оваа опсерваторија, која е лоцирана во северно Чиле, на Параналската опсерваторија на ESO. Таа има извонредни набљудувачки услови и одлична инфраструктура на самото место.

НГТС е роботизиран и континуирано ќе извршува набљудувања на сјаевите од стотиците илјадници ѕвезди на јужното небо. Тој ќе може да го одредува нивото на точност на одредување на сјајот на ѕвездите, со таква прецизност каква што досега не била измерена со телескопите лоцирани од Земјата.

Сите клучни технологии неопходни за НГТС веќе беа тестирани на помалиот прототип, кој беше во функција на Ла Палма, на Канарските острови, во текот на 2009/2010 г. Телескопот ќе го продолжи успехот на т.н. СуперВасп (SuperWASP) експериментот, кој досега откриваше големи гасовити џинови.

Откритијата на НГТС понатаму ќе ги проучува вториот по големина телескоп на ЕСО, Многу големиот телескоп (Very Large Telescope array – VLT). Еден од целите е да се пронајдат помали планети кои се доволно сјајни, со оглед на нивната маса, за да можат попрецизно да се измерат. Ова ќе овозможи да се одреди попрецизно густината на планетите, што ќе помогне за да се добијат информации за нивниот внатрешен состав. Ќе може, исто така, да се испита атмосферата на тие планети додека се во транзит. Во текот на транзитот, дел од светлината од ѕвездите поминува низ атмосферата, каде доколку на платетата има атмосфера, на научниците ќе им даде мала, но, сепак, значајна трага.

Ова е прв телескоп на опсерваторијата Паранал, која не ја управува ESO. Неколку телескопи кои работат на сличен режим, се наоѓаат во опсерваторијата Ла Сија (La Silla). Податоците од телескопот НГТС ќе бидат складирани во архивите на ESO и ќе им бидат достапни на научниците од целиот свет.

Превод: Петар Ивановски

Извор: Астрономски Магазин

Сподели.