Астрономите забележале џиновска галаксија, од пред 11 милијарди години, во нејзините најрани фази на создавање. Оваа моќна галаксија, со име GOODS-N-774 „Sparky“, произведува новородени ѕвезди со огромна стапка, притоа овозможувајќи им на научниците една ретка и возбудлива можност за изучување на процесот на формирање на галаксија – процес кој повеќе не се случува во денешниот Универзум.
Галаксиите претставуваат масивни системи од ѕвезди, прашина и гас кои се меѓусебно поврзани од силата на гравитацијата. Постојат три типа на галаксии: елиптични, спирални и неправилни. Елиптичните галаксии, како што е Sparky, имаат форма на издолжена сфера. Галаксиите можат да варираат во големина, но џиновските елиптични галаксии се дефинитивно најголемите.
Претходно било претпоставено дека овие џиновски галаксии, кои се сиромашни со гас, се развиваат од внатре кон надвор, почнувајќи како едно компактно големо јадро. Сепак, досега овие јадра останале незабележани бидејќи тие се уникатни за раниот Универзум и најверојатно се отстранети од нашиот видик. Според главниот автор, Ерика Нелсон, овие густи јадра можеле да се создадат поради големата густина која ја имал тогашниот ран Универзум (веднаш по Големиот прскот) .
Sparky бил идентификуван со помош на телескопот Хабл (Hubble), Спитцер (Spitzer), вселенската опсерваторија Хершел (Herschel) и опсерваторијата Кек (W. M. Keck). Иако делува мал, сепак Sparky во обем од само 6000 светлински години содржи скоро два пати повеќе ѕвезди од нашата галаксија, која е 100 000 светлински години во обем.
Користејќи далечно-инфрацрвени слики, истражувачите имале можност да ја одредат стапката за ѕвездено создавање во јадрото на галаксијата. Оваа галаксија произведува околи 300 ѕвезди во година, што претставува импресивна стапка со оглед на тоа што Млечниот пат произведува околу 10 годишно.
Истражувачите претпоставуваат дека оваа интензивна стапка на ѕвездено производство е резултат на тоа што јадрото произведува, во ценатарот на гравитациски “бунар“ кој е опколен од темна материја, невидлива материја која има улога на скеле за формирање на галаксии во раниот Универзум. Научниците веруваат дека млаз од гас протекува кон овој гравитациски „бунар“, што резултира со раѓањето на новите ѕвезди.
„Ова се навистина екстремни средини“, вели Нелсон. „Навистина наликува на средновековен казан кој произведуа ѕвезди. Постојат големи турбуленции и вриење. Доколку би се нашле таму, небото би било осветлено од младите ѕвезди и би имало многу прашина, гас и остатоци од ѕвезди кои експлодирале. Забележувањето на овие процеси е навистина фасцинантно.“
Истражувачите сугерираат дека огромното количество на прашина и гас е најголемата причина зошто јадрата кои произведуваат ѕвезди останале досега незабележани. Овој материјал навистина би го попречил овој регион, правејќи го тежок за забележување преку оптички и блиско-инфрацрвени набљудувања.
„Ваква галаксија баравме со години и сега конечно ја најдовме – од тие причини овие моменти се навистина возбудливи“, вели ко-авторот Пиетер ван Докум. „Големиот предизвик е разбирањето на физиката која доведува до создавањето на вакви објекти. Со надеж, новиот телескоп Џејмс Веб ке ги одгатне овие мистерии.“
Превод: Бојан Андоновски
Извор: IFLS