Потребни беа само пет минути за ракетата на НАСА да ја потврди веќе старата теорија, која вели дека Сончевиот систем лежи во меур од гас кој бил произведен од страна на супернови кои експлодирале пред 10 милиони години.
Добиената позадинска радијација на Х-зраци од сите насоки, со јачина од 0.25 keV, ги навела астрономите да размислуваат за веројатноста на постоење на „Локален балон“ од топол гас, уште во доцните 1960-ти. Комбинирајќи ја оваа идеја со доказите од локалното осиромашување на ладните гасови, се појавиле размислувања кои алудирале кон тоа дека топлиот гас бил исфрлен од страна на експлозии од супернови. Сепак, истата радијација е објаснета како резултат од размената на полнежи меѓу јоните од Сончевиот ветер, како и природните гасови во внатрешноста на Сончевиот систем.
За да се проверат овие две спротивставувачки теории, астрономите лансирале ракета која била лансирана до висина од 250 километри, каде истата би можела да ја забележи размената на полнежите која се случува во внатрешноста на Сончевиот систем, надвор од Земјината атмосфера. Петминутните набљудувања откриле дека размената на полнежите навистина е одговорна за дел од радијацијата на Х-зраци. Овој експеримент бил воден од Професорот Масимилиано Галеаци од Универзитетот во Мајами. Сепак, разментата на полнежите била одговорна за само 40 проценти од севкупното зрачење. Единствената веродостојна теорија преку која се добива остатокот од зрачењето се хипотезата за Локалниот балон.
„Ова е навистина значајно откритие,“ вели Галеаци. „Тоа влијае врз разбирањето на областа на галаксијата околу Сонцето и заради ова може да биде користена како основа за идните модели за структурата на нашата галаксија.“
Локалниот балон е 300 илјади светлински години широк, пришто го обиколува нашиот Сончев систем, како и многу од познатите ѕвезди и истиот има густина на концентрираност од 50 илјади атоми по кубен метар. Ова е споредливо со 2.5·1025 молекули на метар кубен – густината која е на морското ниво во нашата атмосфера. Ова претставува навистина ниска густина дури и за меѓуѕвездени стандарди. Дополнително, забележана е зачудувачки висока температура на атомите од оваа област – милион степени, како и постоењето на различни елементи од обичниот меѓуѕвезден медиум.
Во галаксии како нашата, супернова експлозиите се случуваат еднаш до два пати во период од 100 години. Тие можат да ја уништат својата локална околина, но сепак, овие експлозии ги распрскуваат тешките елементи кои го овозможуваат формирањето на планети како што е нашата. Големината на меурот води кон заклучокот дека најверојатно, пред 10-20 милиони години, имало околу 20 блиски експлозии на супернови. Ниту една од нив не била доволно блиску за да има опасно влијание, но меурот продолжува да има влијание врз осветленоста на Сонцето, а со тоа и врз климата на нашата планета.
НАСА објаснува дека ова тестирање морало да биде остварено во декември, заради тоа што во овој период Земјата поминува низ т.н. „Хелиумски фокусиран фишек,“ регион од неутрален хелиум за кој се смета дека е најсилен извор на X-зраци. Лансирањето било остварено на 12-ти декември, 2012 година.
Превод: Бојан Андоновски
Извор: IFLS