НАСА штотуку откри океан на Енцелад кој ги содржи основните органски материи за живот

0

Научниците штотуку ги открија најосновните состојки за живот кои прскаат од океан на Енцелад, природен сателит на Сатурн. Новата анализа на податоците од НАСА покажа присуство на органски соединенија во облаците од течна вода кои се испрскани во вселената од океанот под кората од лед на Енцелад.

encelad

Фотографија од Енцелад, сликана од Касини. Заслуги: NASA/JPL-Caltech

Соединенијата кои содржат азот и кислород играат важна улога при создавањето на амино киселините – комплексни молекули кои претставуваат основни градбени единки на протеините. Без протеините, животот како што е на Земјата не би постоел.

Веќе долго време научниците се сомневаат дека океанот под површината на Енцелад може да ги содржи потребните состојки за жив свет. Истражувачите и претходно открија органски молекули кои доаѓаат од замрзнатата месечина, но за прв пат тие детектираа органски материи растворени во вода.

Ова е многу важно бидејќи постои можност соединенијата да подлежат под хемиски реакции доволно длабоко под површината на океанот, што би резултирало со создавање на амино киселини.

„Овој научен труд покажа дека океанот на Енцелад има реактивни градбени единки во изобилство и истиот претставува уште едно зелено светло за да се истражува населеноста на Енцелад,“ изјави Франк Постберг, коавтор на истражувањето, за медиумите.

Во длабокото море овие соединенија можат да создадат живот

Од Енцелад, млазови од океанска вода и мраз постојано прскаат кон вселената низ топлите пукнатини во кората на месечината.

Научниците од НАСА кои го предводеа ова истражување, ги анализираа податоците за хемискиот состав на овие облаци од течна вода и заклучија дека има присуство на органски соединенија, а некои од нив дури и содржат азот или кислород.

Според овој научен труд, овие соединенија се раствориле во океанската вода под површината на Енцелад, а потоа истите испарувале и кондензирале заедно со површинската вода, по што замрзнале во ледената кора на Енцелад. Облаците од течна вода и органски соединенија беа исфрлени во вселената, каде што вселенското летало Касини, предводено од НАСА, ги детектираше кога леташе во непосредна близина на Енцелад.

Органските соединенија на Енцелад се позитивен знак дека месечината на Сатурн можеби знае нешто за процесот кој го создал животот на Земјата.

Длабоко во океаните на Земјата, морската вода реагира со магмата која излегува од пукнатините на океанското дно. Ваквата реакција резултира со чадливи хидротермални вентили кои достигнуваат температури и до 370 степени Целзиусови.

Топлата вода, богата со водород, само ги поддржува хемиските реакции кои ги трансформираат органските соединенија во амино киселини. Ваквите амино киселини можат да се состават како Лего коцки и да изградат протеини, кои се клучни при процесот на копирање генетски информации кои создаваат живот.

Овој процес овозможува развој на животот без да биде потпомогнат од сончевата светлина, а тоа е многу важно бидејќи ледената површина на Енцелад ја рефлектира сончевата светлина назад во вселената, која и онака е многу слаба. Живиот свет на Енцелад е принуден да се развива во темница.

Научниците веруваат дека потенцијалните хидротермални вентили на океанското дно на Енцелад се слични како и оние на Земјиното океанско дно.

„Доколку се поволни условите, молекулите кои доаѓаат од длабокиот океан на Енцелад, можат да подлежат под истите хемиски реакции како и на Земјата,“ изјави Нозаир Каваја, кој го водеше истражувачкиот тим зад ова откритие. „Се’ уште не знаеме дали амино киселините се потребни за живот надвор од Земјата, но постоењето на молекули кои формираат амино киселини е клучен дел од сложувалката.“

Минатата година, тимот откри слични органски молекули, анализирајќи ги истите податоци, но молекулите не беа растворливи во вода. Истражувачите мислеа дека стоеле на површината од океан на Енцелад.

Ваквите соединенија мора да бидат растворени во вода за да реагираат со хидротермалните вентили и да произведат живи клетки. Се’ до сега, научниците не знаеја дали ваквите реакции се возможни на Енцелад.

„Најдовме помали и растворливи органски градбени молекули – потенцијални претходници на амино киселините и другите органски состојки потребни за живот на Земјата,“ изјави Џон Хилер, коавтор на научниот труд.

Се’ уште учиме од податоците од Касини

Податоците кои ги користеа научниците за да дојдат до двете откритија дојдоа од мисијата Касини, предводена од НАСА. во 1997 година, НАСА го лансираше вселенското летало и истото го истражуваше Сатурн и неговите месечини полни 13 години.

Во септември 2017 година, мисијата беше завршена и прогласена за успешна, откако научниците го жртвуваа леталото, срушувајќи го на Сатурн, се’ со цел да се спречи загадувањето со микроби од Земјата врз Енцелад и Титан (друга месечина на Сатурн, која потенцијално има услови за живот).

Касини откри дека Енцелад крие глобален океан со течна солена вода под својата површина, но исто така и направи фотографии од млазовите кои прскаат вода во вселената. Во 2008 година, вселенското летало прелета низ тие млазови од вода и собра податоци за составот на истите.

Научниците ќе продолжат со проучување на податоците од Касини во следните децении.

НАСА планира да прати вселенско летало и на Титан, кој е уште една важна мета во потрагата за вонземјански живот поради изобилството на органски соединенија на Титан. Како дел од ова вселенско летало е и дрон со нуклеарен погон, наречен Dragonfly.

Се планира вселенското летало да биде лансирано во 2026 година и истото да пристигне на Титан во 2034 година, а потоа да почне да бара знаци за живот.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.