Најмалата месечина на Нептун најверојатно е дел од друга, поголема месечина

0

Најмалата месечина на Нептун најверојатно е дел од друга, многу поголема која орбитира невообичаено блиску.

Астрономите од Калифорнија зборуваат за месечината Хипокамп која е со дијаметар од 34 километри, а е именувана според суштеството од митологијата кое е половина коњ, половина риба.

Марк Шовалтер од институтот СЕТИ ја откри четиринаесетата месечина на Нептун во 2013 година користејќи ги сликите добиени од телескопот Хабл. Шовалтер и неговите колеги од истражувачкиот тим имаат теорија дека Хипокамп е формирана од остатоците добиени при судирот на комета со Протеус, една од најголемите месечини на Нептун. Двете месечини орбитираат на само 12 000 километри раздвоеност.

Научниците долго време веруваат дека месечините на Нептун константно биле изложени на судири со комети.

“Откривањето на Хипокамп и нејзиното орбитирање блиску до многу поголемата месечина Протеус ни дава една прилично драматична слика на сето она што се случувало низ историјата на Нептун”, вели Шовалтер.

Иако научниците не ја исклучуваат можноста Хипокамп воопшто да не е поврзана со Протеус, сепак големината на месечината и нејзината локација ја поддржуваат теоријата.

Нептун 2

Месечината Хипокамп прикажана во двата црвени квдрати. Заслуги: Марк Р. Шовалтер, СЕТИ институт.

Протеус, втора по големина месечина на Нептун е откриена од Војаџер 2 на НАСА во 1989 година. Најголема месечина на Нептун е Тритон.

Преку сликите добиени од Војаџер 2, забележан е масивен кратер на Протеус. Благодарение на телескопот Хабл “знаеме дека еден малечок дел од Протеус е останат покрај него, а тоа е всушност Хипокамп”, вели Шовалтер.

Нептун 3

Дел од месечините на Нептун заедно со мал дел од самата планета. Заслуги: Марк Р. Шовалтер, СЕТИ институт.

Шовалтер изјвува дека барал и други малечки месечини околу Нептун со помош на податоците од Хабл. Не би бил изненаден ако таму има уште многу други вакви малечки месечини, но додава и дека е потребно вселенско летало во орбитата на Нептун за да истите бидат откриени.

Превод: Христина Милошевска

Извор: phys.org

 

 

 

 

Сподели.