Астрономите штотуку ја открија најмалата ѕвезда до сега

0

Додека беа на потрага по егзопланети, астрономите налетаa на овој мал сопатник.

Тим од астрономи од Универзитетот во Кембриџ бараа егзопланети кога налетаа на едно возбудливо и сосема случајно откритие: тие ја пронајдоа најмалата ѕвезда до сега.

mama zvezda

Уметнички приказ на големината на EBLM J0555-57Ab во споредба со Јупитер и TRAPPIST-1. Заслуги: A Boetticher et al., 2017

Оваа нова мала ѕвезда, наречена EBLM J0555-57Ab се наоѓа на околу 600 светлосни години од Земјата и има споредлива маса (од само 85 пати повеќе од масата на Јупитер) со проценетата маса на TRAPPIST-1. Сепак, новата ѕвезда има 30% помал радиус. Како и TRAPPIST-1,  веројатно и EBLM J0555-57Ab е ултра-студено џуџе од тип М.

Тимот ги користеше податоците од експериментот Потрага по Планети со Широк Агол (англ. Wide Angle Search for Planets – WASP) кои вообичаено се користат за барање егзопланети, а не ѕвезди. За време на нивното истражување, тимот забележа константно затемнување на ѕвездата-родител, што наговестува дека има некој објект во орбита. Низ понатамошното истражување се мереше масата на сопатниците во орбита. Aстрономите открија дека објектот би бил премногу масивен за да биде планета и заклучија се работи за мала ѕвезда.

Иако EBLM J0555-57Ab е неверојатно мала, таа поседува доволно маса за да предизвика фузија на водородот, што всушност е горивото што го согорува и Сонцето и претставува извор на енергија за Земјата. По волумен е само малку поголема од Сатурн, но има гравитациско поле 300 пати посилно од она што го има планетата Земја. Доколку ѕвездата имаше малку помала маса (од околу 83 пати од онаа на Јупитер), истата ќе немаше доволно голем притисок во својот центар и немаше да започне фузијата на водородот, туку ќе беше кафеаво џуџе наместо ѕвезда.

Тимот планира да ја искористи ново-откриената ѕвезда за подобро да ги разбере планетите во орбита на ѕвезди.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: astronomy.com

Сподели.