Универзумот е една голема пустелија, која претежно се состои од морничав, празен вакуум. Но и покрај целиот празен простор, постојат предели кои содржат енормни градби. На пример, нашето Сонце е една огромна компилација од прав и гас. А постојат и нешта поголеми од нашето Сонце, како што се планетарни маглини, галаксии, па дури и цели јата од галаксии.
Но, која градба ги засенува со својата големина сите останати? Се покажа дека станува збор за нешто мистериозно, нешто што ги порекнува законите на физиката.
Најголемата градба во Универзумот носи и достојно име: Hercules-Corona Borealis Great Wall, или Great Gamma-Ray Burst Wall (Големиот ѕид – излив на гама зрачење – GRB Wall). Изливот на гама зрачење (GRB) претставува ултраенергична експлозија од гама радијација – најголемиот електромагнетен настан во Универзумот. Се смета дека потеклото на изливот на гама зрачење е поврзано со умирањето на ѕвезди во далечните галаксии. За научниците ваквите GRB преставуваат светилници, или знак дека пределот е преполн со прав и енергија.
Збиен простор полн со 14 вакви GRB светилници беше неодамна пронајден од научниците. Ваквата структура тие ја споредуваат со ѕид, каде што огромните структури кои содржат GRB се наредени една врз друга како цигли. Но, наместо да се протегаат од една страна на куќата до друга, тие се протегаат цели светлински години низ пространството на Универзумот. Нивните прелиминарни резултати можете да ги најдете на arXiv.
Со оглед на тоа што ваквиот ѕид е многу далеку, многу е тешко да се мапира прецизно. Сепак, прелиминарните пресметки за неговата големина се околу 5.4 милијарди светлински години (што е незамислива големина) па сè до 18 милијарди светлински години (што претставува епска големина). Ако ви е тешко да замислите ваква градба, замислете колку им е тешко на научниците да откријат како истата воопшто настанала. Енигмата за GRB ѕидот е што тој е преголем за да постои. Далеку преголем е за да биде остаток од Големиот прскот или да е резултат на маса која се соединила.
Џон Хакила (Jon Hakkila), еден од авторите на трудот и професор на универзитетот во Чарлстон, во интервју за IFLScienceдаде коментар за настанокот на ваквите градби: „Се покажува дека теоретските модели на ваквите градби се совпаѓаат со она што досега го набљудувавме.“
Уште позачудувачки е тоа што ѕидот изгледа како да се зголемува. „Постојано откриваме нови GRB, што значи дека големината на нивната мапа полека се зголемува.”
Постои и еден друг објект со слична големина. Поточно кажано, не се работи за објект. Наместо најголемиот регион полн со материја, ова е најголемиот регион кој е без материја: Големата празнина (Supervoid).
Големата празнина е подрачје во Универзумот со големина од околу 1,4 милијарди светлински години. Сепак, таа не се споредува со големината на GRB ѕидот. Покрај името, овој регион не е сосема празен – има по некоја галаксија и темна енергија, но густината на материјата во овој регион е значително помала за разлика од останатите делови од Вселената.
Што го прави ова подрачје толку непогодно за галаксии или друга материја? Истван Сапјуди (István Szapudi), водич на тимот кој го истражуваше потеклото на Големата празнина при универзитетот на Хаваите, за IFLScience даде објаснување за тоа како оваа празнина настанала. Се разбира, како и секоја добра приказна, така и оваа почнува со настанокот на времето и просторот: Големиот прскот.
Големиот прскот го започнал ширењето на време-просторот. На почетокот сè било еднакво, ширењето се одвивало совршено. Сепак, на атомскo ниво имало мали нееднаквости. Сапјуди појаснува како овие мали неправилности во Универзумот прераснуваат во сè поголеми со текот на времето.
„Според нашите теории, Големата празнина била мала варијација на квантно ниво на полето кое се ширело (Универзумот) веднаш по Големиот прскот,“ изјави Сапјуди за IFL Science. „На почетокот празнината не се разликувала многу од остатокот од галаксијата, но со ширењето на Универзумот варијацијата се зголемувала, па така денес е толку голема што ѝ недостасуваат десетици илјади галаксии.”
Недостатокот на материја и енергија во овој регион го прават многу поладен од регионите околу него. Така и големата празнина го добила својот прекар: Студената точка (The Cold Spot).
Овие два објекти, речиси тотални спротивности, се титани кои доминираат на позицијата за најголем објект и најголема празнина. Нивната незамислива големина е доволна да го воодушеви секого. Во меѓувреме астрономите и телескопите бурно го скенираат небото. Кој знае – можеби ќе налетаат на нешто уште поголемо.
Превод: Стефан Цеков
Извор: IFL Science