Претходно рекордот го држеше една ѕвезда на која и беа потребни 9 милијарди години за нејзината светлина да стигне до нас. Таа ѕвезда е огромна и сина, а се вика Икарус.
Треба да правиме разлика помеѓу ново-откриената ѕвезда и најстарата ѕвезда која ни е позната, наречена Метузалем, исто така откриена од Хабл во 2013 година.
Хабл исто така го држи и рекордот за најдалечна галаксија откриена до сега. Потребни се 13.4 милијарди години за нејзината светлина да стигне до Земјата.
Сега, Вселенскиот Телескоп Хабл на НАСА направи извонредно откритие. Тој ја детектираше светлината на ѕвезда која постоела во првата милијарда години по раѓањето на универзумот. Оваа ѕвезда сега претставува најдалечната индивидуална ѕвезда која некогаш сме ја детектирале.
Во споредба со претходната ѕвезда која го држеше овој рекорд, откриена во 2018 година преку Хабл, ова откритие е огромен чекор за да го разбереме минатото на универзумот. Таа ѕвезда постоела кога универзумот бил околу 4 милијарди години стар, што е околу 30% од моменталната старост. Помеѓу астрономите, овој временски период е познат како „црвено поместување 1.5.“ Тие го користат терминот „црвено поместување“ бидејќи како што универзумот се проширува, светлината од далечните објекти се растегнува, а ние тоа го гледаме како таа да поцрвенува.
Ново-откриената ѕвезда е толку далеку што на светлината и се потребни 12.9 милијарди светлосни години да стигне до Земјата. Тоа значи дека ние ја гледаме оваа ѕвезда баш како што била кога староста на универзумот била само 7% од моменталната старост. Се работи за црвено поместување 6.2. Кога се во прашање вакви огромни растојанија, најмалите објекти кои сме ги виделе до сега беа јата од ѕвезди внатре во некоја галаксија од младиот универзум.
„Скоро и да не можевме да поверуваме. Се работи за многу подалеку од претходната најдалечна ѕвезда со најголемо црвено поместување,“ вели астрономот Брајан Велч од Универзитетот Џонс Хопкинс во Балтимор и главен автор на научниот труд за ова откритие. Зад ова откритие стојат податоците соберени од истражувањето RELICS (Reionization Lensing Cluster Survey) спроведено преку Хабл и предводено од коавторот Ден Ко од Научниот Институт за Вселенски Телескопи во Балтимор.
„Во општ случај, на вакви големи растојанија, дури и галаксиите чија светлина доаѓа од милиони ѕвезди заедно изгледаат како мали избледени форми,“ вели Велч. „Галаксијата на која и припаѓа ново-откриената ѕвезда ја гледаме како да е приближена поради феноменот на гравитациски леќи предизвикан од областа наречена Лак на Изгрејсонце.“
Откако научниците детално ја проучиле галаксијата, Велч заклучил дека една интересна карактеристика е една ѕвезда која е значително зумирана. Тој ја нарекол Ирендел, што значи „утринска ѕвезда“ на старо-англиски јазик. Ова откритие може понатаму да нѐ однесе во неоткриени води кога е во прашање за формирањето на ѕвездите во младиот универзум.
„Ѕвездата Ирендел постоела пред толку многу време што можеби и не постоела истата материја која сега е околу нас,“ објаснува Велч. „Проучувањето на Ирендел е како да гледаме низ прозорец во една непозната ера на универзумот која довела до денешната состојба на универзумот што нам ни е позната. Тоа е како да почнете да читате книга од второто заглавие. Сега имаме шанса да видиме како започнала оваа приказна.“
Кога ѕвездите ќе се подредат
Тимот од истражувачи проценува дека Ирендел е најмалку 50 пати помасивна од Сонцето и милион пати посветла, што е рамо до рамо со најмасивните ѕвезди кои ние ги знаеме. Но дури и една толку масивна и светла ѕвезда е невозможно да се детектира без помошта од гравитациските леќи на огромното галактичко јато WHL0137-08 кое се наоѓа помеѓу нас и Ирендел. Масата на галактичкото јато го витка простор-времето и создава моќна природна леќа која ја прекршува и во големи мери ја засилува светлината од далечните објекти зад галактичкото јато.
Благодарение на ретката подреденост и гравитациските леќи, ѕвездата Ирендел изгледа како да е веднаш на, или екстремно близу до, бранот во простор-времето. Според законите на оптиката, овој бран доведува до максимално доближување и осветлување. Аналогно на овој ефект, можеме да опишеме како брановите на површината на некој базен за пливање креираат интересни облици од светлина на дното на базенот под влијанието на светлото летно Сонце. Брановите на површината вршат доближување и ја фокусираат максималната сончевата светлина на дното од базенот.
На овој начин, ѕвездата Ирендел се издвојува од привидната вообичаена бледа форма на нејзината галаксија-домаќин. Нејзината осветленост е зголемена над илјада пати. Моментално, астрономите не можат да откријат дали Ирендел е бинарна ѕвезда или не, иако повеќето масивни ѕвезди имаат најмалку една ѕвезда сопатник.
Потврдување од Џејмс Веб
Астрономите очекуваат Ирендел да биде оптички доближена во годините кои доаѓаат. Ќе може да се набљудува со Вселенскиот Телескоп Џејмс Веб на НАСА. Од огромна помош ќе биде исклучителната осетливост на инфрацрвена светлина на Џејмс Веб која е потребна за да научиме уште многу нови работи за Ирендел. Нејзината светлина е навистина растегната со големо црвено поместување поради ширењето на универзумот.
„Преку Веб очекуваме да потврдиме дека Ирендел е навистина ѕвезда, како и да ја измериме нејзината осветленост и температура,“ вели Ко. Со овие детали ќе можеме да го категоризираме типот на ѕвездата и да заклучиме во кој стадиум од животниот век се наоѓа таа. „Исто така очекуваме да откриеме дека галаксијата од Лакот на Изгрејсонце има состав со мало количество на тешки елементи кои се формираат во подоцнежните генерации на ѕвезди. Ова би значело дека Ирендел е ретка масивна ѕвезда, сиромашна со метали,“ вели Ко.
Составот на Ирендел е од огромен интерес за астрономите бидејќи ѕвездата се формирала пред универзумот да биде исполнет со тешки елементи формирани од следните генерации на масивни ѕвезди. Доколку следните истражувања укажат дека Ирендел се состои само од водород и хелиум, тоа ќе биде првиот доказ за постоењето на легендарните ѕвезди од тип Пропулзија 3, за кои постојат хипотези дека се првите ѕвезди формирани после раѓањето на универзумот. Иако веројатноста е мала, Велч признава дека возбудата е голема.
„Преку Веб можеби ќе видиме ѕвезди уште подалеку од Ирендел кои ќе бидат неверојатно интересни,“ вели Велч „Ќе истражуваме назад во времето колку што можеме повеќе. Едвај чекам Веб да го сруши рекордот на Ирендел за најдалечна ѕвезда.“
Заслуги: NASA’s Goddard Space Flight Center, Lead Producer: Paul Morris
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: nasa.gov