Набљудување на мозочните функции во Вселенската станица

0

Сте се запрашале ли како реагира мозокот кога патува во Вселената? Вселенските патувања влијаат врз централниот нервен систем на астронаутите, а научниците сега ги проучуваат ефектите преку експерименти спроведени во нулта гравитација на вселенската станица, со што би се намалил ризикот во идни мисии насочени кон некој астероид, Марс или подалеку.

Пакетот од истражувачки алатки наменети за астронаутот на НАСА, Скот Кели, и рускиот космонаут Михаил Корниенко, кои се на едногодишна мисија во вселенската станица, во моментов им помага на истражувачите да ги осознаат когнитивните и психолошките ефекти на долготрајно патување во Вселената. Во ова истражување, научниците ги разгледуваат изолацијата, психолошкиот замор, изменетите циклуси на светлина и темнина кога астронаутите се будат и нулта гравитацијата. Истражувачите ќе добијат огромен број податоци од оваа едногодишна мисија која започна во март, 2015 г. и ќе трае двапати подолго од вообичаена мисија на НАСА.

Истражувањата вклучуваат:

  • Индивидуални алатки за невро-когнитивно оценување во реално време за психолошки замор предизвикан од вселенско патување. Ова подразбира низа тестови кои мерат како физичките промени поврзани со вселенските патувања, како што се нулта гравитација и недоволно спиење, влијаат на мозочните функции. Десетте компјутеризирани тестови покриваат широк спектар на когнитивни функции и овозможуваат повратна информација во исто време.
  • Авто-тест за рефлексна психомоторика. Се работи за петминутен компјутерски тест кој му дозволува на екипажот да ги забележува ефектите од психолошкиот замор. Понекогаш членови на екипажот искусуваат таков замор како последица на апчиња за спиење, промените во циклусот на спиење-будност, и ефектите на чекорење во вселената, сите со потенцијал за слабеење на рефлексите.
  • Ефектите врз невро-когнитивната функција: мерка, трајност и невролошки бази. Ова истражување, познато и како Невролошко мапирање, ќе ги проучува промените на структурата и функцијата на мозокот вклучувајќи моторика и визуелизација. Овие карактеристики ќе се мерат со помош на структурна и функционална магнетна резонанса на мозокот откако членовите на екипажот ќе се спуштат на Земјата.
  • Актиграфија на спиење-будност и изложеност на светлина. Со оваа алатка ќе се набљудува изложеноста на светлина и активноста на екипажот и како тоа се одразува на квалитетниот сон. Спиењето ќе се набљудува со компјутерски записи што ќе завршуваат 15 минути по расонувањето, 7 последователни денови на секои три недели во орбита. Всушност, станува збор за електронски уред налик на часовник, наречен Актичасовник, кој астронаутите ќе го носат во текот на целата мисија.
  • Промени во однесувањето поради изолација и затворен простор: Преглед и анализа на астронаутски дневници. Тука ќе се анализираат промените во расположението и психолошкото здравје.
  • Ефекти на долготрајна нулта гравитација врз фина моторика: оценување на координација рака-око. Членовите на екипажот изведуваат серија интерактивни задачи со допир на екран на таблет. Ова е прво истражување на фината моторика кое ќе мери долготрајна изложеност на нулта гравитација, различни фази на адаптација на нулта гравитација и закрепнување по враќањето на Земјата.
  • Проценка на условите за живот на вселенската станица. Тука се собираат опсервации на животниот простор на членовите на екипажот. Дизајнот е и те како значаен земајќи предвид дека еден астронаут и еден космонаут ќе живеат и работат цела година на вселенската станица. Со ова истражување ќе се помогне во дизајнирањето на идните вселенски летала.

Овие и многу други истражувања на вселенската станица им помагаат на научниците да ги разберат промените во мозокот надвор од Земјата. Но, исто така, истражувањата се важни и за неврологијата тука, на Земјата.

Превод: Жана Живадиновиќ

Извор: NASA

Сподели.