Неверојатни слики од млаз кој произлегува од црна дупка

0

Минатата година, интернационална група на научници, за прв пат во историјата, ја претставија првата слика од црна дупка. А сега имаме и продолжение на ова откритие – најчистите слики од огромен млаз исфрлен од супермасивна црна дупка.

Супермасивната црна дупка се наоѓа во срцето на светлиот квазар 3C 279, оддалечен 5 милијарди светлосни години од Земјата. Квазрите се едни од најсветлите космички објекти со кои сме запознаени. Тие претставуваат галаксии со екстремно големи црни дупки и истите емитираат многу силна радијација која се јавува како резултат на гасот кој паѓа кон хоризонтот на настани.

Новите резултати произлегуваат од набљудувањата кои ни ја овозможија историската слика од Телескопот Хоризонт на Настани (Event Horizon Telescope – EHT) кој ја сликаше во Април 2017 година. 3C 279 беше еден од четирите дополнителни објекти кои беа набљудувани и сега конечно ја имаме и можноста да ги погледнеме возбудливите резултати.

Веќе знаеме дека кога материјата паѓа кон некоја гладна супермасивна црна дупка, мал дел од материјата (гасовите и прашината кои ја опкружуваат црната дупка) забрзува речиси и до брзината на светлината. Како резултат на тоа, црната дупка произведува млаз од најбрзите честички во познатиот Универзум.

Тимот кој што управуваше со EHT сега ни претставуваат еден ваков млаз во детали кои досега беа незамисливи и го опишуваат дури и дискот на акретацијата на црната дупка во 3C 279. Иако ни изгледа малку матно, се работи за огромно богатство на информации.

Млазот на квазарот 3C 279 и неговото движење низ период од една недела набљудувано од EHT во Април 2017 година

За почеток, тимот беше малку изненаден од податоците. Имено, млазот треба да е праволиниски, но податоците покажуваат дека постои закривување во основата, проследено со издолжена структура, правопропорционална со насоката на млазот.

„Оваа морфологија може да ја интерпретираме како широко распространета млазна основа или како просторно свиткан млаз,“ стои во научниот труд кој брои 351 автор.

Бидејќи набљудувањата се одвиваа неколку дена, истражувачите можеа да заклучат одредени промени кои се веќе предвидени од разни симулации, но не и директно набљудувани, а тоа се ротацијата на дискот на акретација и раскинувањето на самата материја додека паѓа кон црната дупка.

eht 2

Заслуги: J.Y. Kim (MPIfR)/Boston University Blazar Program (VLBA and GMVA)/EHT Collaboration

Не случајно беше избран квазарот 3C 279 за набљудување со EHT. Галаксијата M87, покрај својата славна црна дупка која ја видовме минатата година, претставува релативно слаб извор на гама зрачење.

Помоќните активни галактички јадра како 3C 279, настојуваат да бидат на многу поголеми светлосни растојанија што значи дека е потешко да ги разликуваме на ноќното небо. Но 3C 279 е еден од најсветлите извори на гама зраци кои некогаш сме ги набљудувале. За среќа, тој истовремено е и блазар, што значи дека неговите возбудливи променливи млазови се насочени кон набљудувачот, односно кон нас.

Уметнички приказ на квазарот 3C 279

Тимот го калибрираше EHT користејќи го 3C 279 во четири ноќи во Април 2017 година, собирајќи податоци од осум станици распределени на шест различни географски локации. Овие податоци потоа беа внимателно пренесени на суперкомпјутерите во Институтот Макс Планк за Радио-Астрономија, како и предадени на MIT за подетални анализи.

„Комбинацијата од трансформативната резолуција на EHT и новите компјутерски алатки кои ги обработуваат податоците на EHT се покажа како откровителна за 3C 279,“ вели астрофизичарот Авери Бродерик од Институтот Периметер во Канада.

„Тоа што беше едно единствено радио јадро, сега е развиено во две независни целини. Уште повеќе, дури и во размер од само неколку светлосни месеци, млазот од 3C 279 се движи кон нас со брзина од над 95,5 проценти од брзината на светлината!“

Ова се извонредни откритија за науката на црни дупки која претходно се потпираше на симулации и набљудувања со мала резолуција кои даваа многу малку детали. Постојат толку многу работи кои не ги разбираме за функционирањето на овие зачудувачки објекти и што всушност ги предизвикува млазовите кои ги гледаме.

„Во наредните проучувања следуваат повеќе детали за својствата на изворот, како конфигурацијата на магнетното поле и детални пресметки за енергијата на млазот,“ додаваат авторите во научниот труд.

Кога светот се запозна со окото на M87, астрономите штотуку имаа почнато со употребата на нивните нови моќни инструменти.

За жал, претстојните набљудувања предвидени за Март и Април годинава се одложени поради пандемијата со КОВИД-19. Но научниците собраа доволно податоци изминатите години, што значи дека можеме да очекуваме уште возбудливи сознанија.

„Минатата година ја презентиравме првата слика од сенката на една црна дупка,“ вели Антон Зенсус, управител во Институтот Макс Планк за Радио-Астрономија и одговорен во колаборацискиот одбор за EHT.

„Сега гледаме неочекувани промени во обликот на млазот во 3C 279. Но и ова не е сѐ. Како што рековме и минатата година: ова е само почеток.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.