Пронајдени мистериозни космички радио импулси кои се повторуваат

0
Пронајдени мистериозни космички радио импулси кои се повторуваат

Телескопот Аресибо и неговата платформа од радио приемници се прикажани во услови на ѕвездена ноќ. Од Вселената, секвенца од радио блесоци со траење од неколку милисекунди доаѓаат до чинијата, каде ќе бидат рефлектирани и детектирани од радио приемниците. Такви радио сигнали се наречени брзи радио импулси, а Аресбо е првиот телескоп што забележал повторувачки импулси од ист извор. Заслуга: Danielle Futselaar

Астрономите за првпат детектираа повторувачки кратки импулси на радио бранови од непознат извор, што веројатно се наоѓа многу подалеку од рабовите на нашата галаксија, Млечен Пат. Резултатите укажуваат дека овие брзи радио импулси (анг. Fast Radio Bursts – FBRs) доаѓаат од многу моќен објект што повремено создава неколку импулси за време пократко од една минута.

Пред ова откритие, сите претходно детектирани FBR сигнали се чинеле како еднократен настан. Поради ова, повеќето теории за потеклото на овие мистериозни пулсирања вклучувале катаклизмични инциденти што го уништуваат изворот – ѕвезда која експлодира во супернова, на пример, или неутронска ѕвезда која колабира во црна дупка. Новото откритие, сепак, покажува дека барем одредени брзи радио импулси имаат различно потекло.

Брзите радио импулси, кои траат само илјадити дел од секунда, претставуваат енигма за научниците уште откако за првпат биле забележани, речиси пред една декада. И покрај обемните напори, астрономите досега не успеале да пронајдат повторувачки импулси.

Ова се промени на 5 ноември, кога Пол Шолц, студент на докторски студии на Универзитетот Мекгил, ги разгледувал резултатите од набљудувања извршени од радио телескопот Аресибо во Порто Рико, најголемиот радио телескоп. Новите податоци покажале неколку импулси со конзистентни својства како оние на FBR сигналите детектирани во 2012.

Повторувачките сигнали беа изненадувачки и „многу возбудливи“, вели Шолц. „Веднаш знаев дека откритието ќе биде екстремно важно во проучувањето на брзите радио импулси.“

Откритието укажува дека овие импулси мора да дошле од многу егзотичен објект, како ротирачка неутронска ѕвезда што има невидена енергија која овозможува емисија на екстремно светли пулсирања. Исто така, можно е ова откритие да претставува прво пронаоѓање на поткласа во популацијата на космички FRB сигнали. Не само што овие импулси се повторливи, туку и нивната светлина и спектар се разликуваат од други брзи радио импулси.

Научниците веруваат дека овие и други радио импулси потекнуваат од далечни галаксии, според мерењата на ефектот познат како дисперзија на плазма. Пулсови кои патуваат низ Вселената се разликуваат од човечка интерференција според влијанието на меѓуѕвездените електрони, кои предизвикуваат радио брановите да патуваат побавно на пониски радио фреквенции. Десетте новооткриени импулси, како оние забележани во 2012, имаат измерена дисперзија која е трикратна од максималната дисперзија што би се очекувала од извор во рамките на Млечен Пат.

Интересно е што најверојатната импликација на Аресибо, дека повторливиот FRB сигнал потекнува од многу млада екстрагалактичка неутронска ѕвезда, не е во согласност со резултатите од студија направена од друг истражувачки тим. Истражувањето вели дека брзите радио импулси се поврзани со катаклизмични настани, како кратки изливи на гама зрачење, што не може да генерираат повторливи настани. Конфликтот помеѓу двете истражувања може да биде разрешен ако се покаже дека има барем два вида на извори на FBR сигнали.

Тимот се надева дека ќе ја идентификува галаксијата од каде што потекнале радио изворите во идно истражување. За да го направат тоа, тие треба да детектираат импулси со користење на радио телескопи со многу поголема моќ од Аресибо, објект со чинија во дијаметар од 305 метри, која покрива околу 80.000 квадратни метри. Со користење на техника наречена интерферометрија, изведена од страна на низи од радио телескопи распространети на огромни географски растојанија, астрономите можеби ќе успеат да ја достигнат потребната резолуција. Пронаоѓањето на галаксијата каде што се наоѓа изворот е многу важно за разбирање на неговите својства.

Извор: Phys

Превод: Биљана Велинова

Сподели.