Ако нешто научивме од Карл Саган, тоа е дека „неверојатни тврдења бараат неверојатни докази.“
Кога ќе почувствуваме провев, не помислуваме веднаш на духови, туку стануваме и го затвораме прозорецот. Слично, кога ќе забележиме неочекувани затемнувања на ѕвезда, не би требало веднаш да донесеме заклучок дека се работи за вонземјани. Би требало да ги разгледаме сите останати (поверојатни) сценарија пред да пресудиме за што станува збор. Пронаоѓањето на вонземјани е навистина највозбудливото сценарио, но науката е на прво место.
Доколку сè уште не дознавте, неодамна се појави вест за прилично уникатна ѕвезда. И се разбира, следеа низа од наслови: Дали Кеплер пронајде вонземска мегаструктура?; Дали откривме мегаструктура изградена од вонземјани околу далечна ѕвезда?; Дали астрономите пронајдоа знаци од вонземска цивилизација?
Да ги разгледаме прво фактите…
Предмет на набљудување на вселенскиот телескоп Кеплер, покрај стотици илјади други ѕвезди, беше ѕвездата позната како KIC 8462852. Кеплер ги набљудува овие ѕвезди, барајќи опаѓања во нивната светлина. Овие многу мали затемнувања може да бидат резултат на повеќе фактори, еден од нив е орбитирање на една или повеќе планети околу ѕвездата, така што поминуваат директно пред ѕвездата гледано од Земјата. Доколку се случи ваков транзит, ние гледаме многу мало намалување на ѕвездената светлина, обично за помалку од еден процент.
KIC 8462852 е помасивна, потопла и посветла ѕвезда од Сонцето. На оддалеченост од 1500 светлински години од нас е премногу бледа за да биде забележлива со голо око. Податоците од Кеплер за оваа ѕвезда се прилично бизарни: Постојат опаѓања во светлината, но не се периодични. Едно од овие опаѓања достигнува до 15% намалување на светлината од ѕвездата, а друго до неверојатни 22%.
Веднаш може да го исклучиме факторот планета во овој случај. Дури и планета со големина на Јупитер блокира само 1 процент од светлината на ваква ѕвезда. Не може да биде ниту поради друга ѕвезда, бидејќи ќе ја забележевме. Дополнително, тоа што овие опаѓања не се регуларни, ги отфрла овие две можности. Што и да ја блокира светлината е големо, можеби достигнува половина од ширината на самата ѕвезда.
Исто така, постојат навистина голем број вакви опаѓања. Стотици. И не се воопшто периодични.
Истражувачите ја разгледаа можноста за огромна планетарна колизија: дали е возможно остатоците од ваков судир да го создаваат овој чуден сигнал? Веројатноста дека се работи за колизија е многу мала. Не постојат никакви докази во податоците од WISE (Wide-field Infrared Survey Explorer) дека ваква колизија се случила, така што останува само еден мал прозорец помеѓу WISE и Кеплер мисиите (само неколку години) кога би се случил овој неверојатен космички настан.
Исклучени биле и можностите како ѕвездени дамки (како Сончеви дамки, но на друга ѕвезда) или одредена грешка на телескопот или пак грешка при процесирање – опаѓањата се реални.
Објаснувањето кое за сега е фаворизирано од научниците е дека се работи за егзокомети. Доколку се случило друга ѕвезда да помине во близина на оваа ѕвезда, нејзината гравитација би предизвикала нарушување во Ортовиот облак на ѕвездата. Ова нарушување може да ги прати ледените парчиња кон ѕвездата, каде тие би се „растуриле“ околу истата предизвикувајќи ги чудните опаѓања во светлината. Блиску до ѕвездата, мразот во овие ледени парчиња би се загреал, преминувајќи во гас, што може исто така да ги објасни чудните форми на детектираните опаѓања.
Всушност, постои ѕвезда прилично блиску до KIC 8462852, мало црвено џуџе на оддалеченост од околу 130 милијарди километри, што е доволно блиску да ги „разбуди“ објектите од Ортовиот облак.
Иако, комети кои орбитираат околу ѕвездата се чини како добар погодок, ова не става крај на случајот. Малку е тешко да се замисли сценарио каде комети би блокирале 22 проценти од светлината од ѕвездата.
Па така доаѓаме кон следната хипотеза: вонземјани.
Дали е возможно да станува збор за вонземска интелигенција што е на добар пат да постане цивилизација од тип II, која поставува одредена вештачка структура околу својата ѕвезда?
Пред неколку декади, физичарот Фримен Дајсон популаризираше интересна идеја: Што ако изградиме илјадници соларни панели и ги ставиме во орбита околу Сонцето? Тие би ја заробувале сончевата светлина, претворајќи ја во енергија така што би била испратена назад кон Земјата за употребување. Напредна цивилизација би имала можност да изгради милиони, милијарди вакви панели. Една таква сфера би била темна во опсегот на видлива светлина, но би емитирала инфрацрвено зрачење. Луѓето барале вакви Дајсонови Сфери, но очигледно до сега никој од нас не видел такво нешто.
Да се навратиме на KIC 8462852. Што ако фативме напредна вонземска цивилизација во процесот на изградба на ваков артефакт? Огромни панели, кои се протегаат на стотици илјади километри би можеле да се причинители на опаѓањата во светлина што ги забележавме.
Она што науката го прави е поставување на хипотеза и потоа тестирање на истата. И токму тоа планираат да прават научниците. Следен чекор е насочување на радио антена кон KIC 8462852, со цел да се види дали системот генерира одредени вештачки радио сигнали кои би укажувале на нешто што би го дефинирале како „интелигентно“. Доколку се детектира вештачки сигнал, ќе биде побарано да се користи VLA (Very Large Array) опсерваторијата во Ново Мексико да одреди дали некој од радио сигналите од ѕвездата е всушност разговор од вонземјани.
Ова не значи дека научниците во моментов сметаат дека сме пронашле вонземска цивилизација. Ова значи, дека дури и ако постојат поверојатни сценарија, пожелно е да ги испитаме сите. Навистина е фантастично што постои барем постои можност, но не би требало да се однесуваме како да имаме докази за напредна вонземска култура.
Како и да е, KIC 8462852 е навистина чудна и интересна ѕвезда и дефинитивно вреди да продолжиме да ја испитуваме.
Текст: Биљана Велинова
Извори: Discovery, From Quarks to Quasars, Slate