Користејќи го Вселенскиот Телескоп Хабл на НАСА/ЕВА, астрономите набљудуваа неочекуван тенок диск од материја кој кружи околу супермасивната галаксија NGC 3147, оддалечена 130 милиони светлосни години.
Присуството на диск околу црна дупка во толку малку осветлената активна галаксија ги изненади астрономите. За црните дупки во одреден тип на галаксии како NGC 3147 сметаме дека се прегладнети бидејќи гравитацијата не привлекува доволно материја што не им овозможува да се хранат постојано. Зачудувачко е присуството на тенок диск кој кружи околу прегладнета црна дупка и кој наликува на поголемите дискови присутни во екстремно активни галаксии.
Од особена важност е тоа што овој диск нуди неповторлива можност да се тестираат теориите за релативитет на Ајнштајн. Дискот е толку длабоко вгнезден во гравитационото поле на црната дупка што според теориите, влијае дури и на светлината од гасовитиот диск, нудејќи им на астрономите уникатен поглед на динамичкиот процес во непосредна близина на црна дупка.
„Никогаш претходно не сме ги виделе ефектите на општата и специјалната теорија на релативитет во електромагнетниот видлив спектар со толку добар квалитет,“ изјави Марко Чаберж од Универзитетот Џонс Хопкинс и член на AURA за ЕВА и STScI.
Хабл измери дека дискот кружи со брзина поголема од 10% од брзината на светлината. При такви екстремни брзини, материјата зрачи посветло од едната страна на дискот, а потемно од другата страна на дискот. Овој ефект е познат како релативистичко зрачење. набљудувањата на Хабл исто така покажаа дека гасот е во толку голема гравитациска зависност што дури и светлината се мачи за да избега, а како резултат на тоа истата се растегнува и изгледа поцрвена. Масата на црната дупка е околу 250 милиони пати поголема од таа на Сонцето.
„Ова претставува еден интересен поглед на диск близу црна дупка. Толку близок што брзините и гравитациските сили влијаат врз фотоните што ги гледаме,“ објаснува Стефано Баничи, главен автор на истражувањето при Università degli Studi Roma Tre во Италија.
Истражувачите го користеа инструментот STIS (Space Telescope Imaging Spectrograph) на Хабл за да ја проучат длабоката внатрешност на дискот. За да се одреди брзината, температурата и други параметри со висока прецизност, овој инструмент ја разложува светлината од некој објект на повеќе различни бранови должини. STIS одигра клучна улога при ефективното набљудување на темниот предел околу црната дупка, блокирајќи ја брилијантната светлина на галаксијата.
Астрономите првично ја одбраа оваа галаксија за да ги проверат веќе прифатените модели во врска со активните галаксии со мало осветлување, односно оние со прегладнети црни дупки. Овие модели предвидуваат дека дискови од материја треба да се формираат кога голема количина на гас е во гравитациска зависност од некоја црна дупка, кој подоцна емитира светлина и резултира со брилијантни пулсови познати како квазари.
„Дискот што го набљудувавме претставува квазар во мали размери за кои не очекувавме дека постои,“ вели Баничи. „Ваквите дискови се присутни кај објекти што се 1 000, па дури и 100 000 пати посветли. Моделите кои ги имаме прифатено очигледно се погрешни.“
Тимот се надева дека ќе го користи Хабл за да бара и други компактни дискови околу ниско осветлени црни дупки и слични галаксии.
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: phys.org