Мисијата Зора продолжува да прави извонредни фотографии од Церера

0

Леталото Зора (Dawn) на НАСА полека заминува од подрачјето околу Церера, но тоа не значи дека нема да може да направи уште некоја неверојатна фотографија.

На последните фотографии објавени од Jet Propulsion Laboratory (ЈPL) ја има и најпознатата знаменитост на Церера – кратерот Окатор. Во средината кратерот има мистериозна светла точка за која научниците веруваат дека е халовулкан, геолошка карактеристика проследена со ерупции која најдобро може да се опише како солен вулкан.

Мисијата Зора продолжува да прави извонредни фотографии од Церера

Новиот поглед кон Окатор, со халовулкан во центарот. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/UCLA/MPS/DLR/IDA

Окатор е 92 километри широк и 4 километри длабок, а димензијата на Церера е 945 километри. Зора се наоѓаше на оддалеченост од 1480 километри од површината на Церера кога ја направи оваа фотографија, каде светлината од Сонцето паѓа под агол кој досега не е документиран.

Според главниот инженер и директор на мисијата, Марк Рејмен, Зора е првиот сателит кој ќе биде во можност да го истражи овој фасцинантен, уникатен свет.

Леталото се наоѓа на оваа висина уште од почетокот на октомври, како крајна цел на искачувањето што почна во август. Сондата се наоѓа поблиску до површината на Церера во однос на оддалеченоста на Меѓународната Вселенска Станица (МВС) од површината на Земјата. Тоа ѝ овозможи на сондата да направи извонредни фотографии со неверојатна деталност.

Мисијата Зора продолжува да прави извонредни фотографии од Церера

Фотографија која прикажува како Церера би изгледала за човечкото око. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/UCLA/MPS/DLR/IDA

Втората објавена слика всушност датира од 2015, од периодот кога Зора се приближуваше кон Церера. Комбинирајќи ги црвените, зелените и сините делови од спектарот научниците успеале да добијат приказ на изгледот на Церера за човечкото око.

Леталото сега се упатува кон неговата шеста целна орбита, на висина од 7200 километри, каде што ќе ги обнови претходно собраните податоци. Искачувањето е започнато на 4 ноември, а орбитата треба да ја достигне во декември.

Зора се движи благодарение на мотор на јонски погон, кој може да работи со скромна количина на гориво и е неверојатно сигурен. Сондата моментално е на продолжена мисија по успешната посета на астероидот Веста во периодот меѓу 2011 и 2012 година и двегодишното орбитирање околу Церера.

Превод: Милан Велков

Извор: IFL Science

Сподели.