Комуникацијата помеѓу леталото Зора и Deep Space Network на НАСА која требаше да се случи во средата на 31ви октомври и четврток 1ви ноември беше безуспешна. Откако тимот ги елиминираше сите можни причини за невоспоставувањето на комуникацијата, беше заклучено дека леталото останало без неговото гориво. Леталото веќе не успеало преку антените да воспостави контакт со контролорите на мисијата, ниту пак да ги сврти соларните панели кон Сонцето за обновување.
Леталото Зора беше лансирано пред 11 години и имаше за задача да ги посети двата најголеми објекти во астероидниот појас. Моментално се наоѓа околу џуџестата планета Церера каде и ќе остане долго време.
“Неверојатните слики и податоци што Зора ги собра од Веста и Церера се клучни во разбирањето на историјата и еволуцијата на сончевиот систем.”, рече Томас Зурбукен, помошник администратор на NASA’s Science Mission Directorate во Вашингтон.
Леталото Зора беше лансирано во 2007 година. Во 2011 година кога Зора стигна до Веста, вториот по големина објект во астероидниот појас, леталото беше воедно и првото што орбитираше околу објект во регионот помеѓу Марс и Јупитер. Во 2015 година, кога Зора стигна до Церера, џуџеста планета што е и најголем објект во астероидниот појас, тоа беше и прва мисија на посета на џуџеста планета.
Податоците што Зора ги испрати назад на Земјата им овозможија на научниците да направат споредби меѓу двата света кои еволуирале многу различно. Покрај сите достигнувања, преку Зора дознавме и колку е важна локацијата на самите објекти при формирањето и еволуцијата на сончевиот систем. Зора ја засили идејата дека џуџестите планети можеби имале и океани во минатото – и можности за нивно постоење и ден денес.
“Она што ни го остави Зора е всушност само почеток,”вели Керол Рејмонд од JPL. “Податоците од Зора ќе бидат детално проучени од страна на научниците во насока на тоа како планетите се развивале и диференцирале, и кога и каде би можел да се создаде животот во нашиот сончев систем. Церера и Веста се значајни во проучувањето на далечните планетарни системи исто така, бидејќи ни овозможуваат мал поглед на условите што би можеле да постојат околу млади ѕвезди.“
Бидејќи на Церера има услови што им се од интерес на научниците кои ја проучуваат хемијата која води до развивање на живот, НАСА има строги планетарни заштитни протоколи во врска со целиот тој остаток од леталото Зора. Зора ќе остане во орбитата уште најмалку 20 години.
Превод: Христина Милошевска
Извор: phys.org