Микроорганизми од Земјата би можеле да преживеат на Марс

0
Епрувети кои содржат метаногени, вода, хранливи материи и песок. Заслуги: Универзитетот во Арканзас.

Епрувети кои содржат метаногени, вода, хранливи материи и песок. Заслуги: Универзитетот во Арканзас.

Изгледите за пронаоѓање живот на друга планета се секако возбудлив настан. Со текот на годините научниците се обидуваат да теоретизираат како животот започнал на нашата сопствена планета со цел да се предвиди како животот би можел да започне и на други планети погодни за него. Научниците се особено заинтересирани за микробите кои живеат во „екстремни” средини, бидејќи некои од нив се мисли дека претставуваат едни од најстарите форми на живот на Земјата. Овие древни и високо специјализирани организми, наречени „екстремофили”, се смета дека се во можност да растат доста брзо во тешките услови и затоа се атрактивни кандидати кои ја поткрепуваат тезата за постоење на живот на други планети.

Во согласност со ова, истражувачите од Универзитетот во Арканзас истражувале со ваквите организми и ги изложувале на услови слични на оние кои владеат на Марс. Особено, тие сакале да проверат два вида на метаногени во поглед на нивната издржливост на драстичните високи и ниски температурни циклуси на Марс.

Метаногените се тип на микроорганизми од видот на археи чии далечни предци се бактериите. Всушност тие се одговорни за метанот кој го има при подждригањето на преживарите, како и надуеноста на стомакот кај луѓето. Тие се анаеробни бактерии кои произведуваат метан, од кои некои користат водород и го претвараат јаглерод диоксидот во метан. Бидејќи овие организми се анаеробни и нефотосинтетички, некои научници веруваат дека тие би можело да бидат идеален кандидат за живот на Марс. Особено, сметаат научниците, дека би можеле да постојат во под-површинските средини.

Со цел да ја тестираат нивната стабилност во Марсовски услови, научниците ги изложиле М. formicicum и М. wolfeii на Марсовките ледени и врели циклуси, кои се далеку под и над идеалната температура за раст на овие организми (помеѓу 37ᵒC и 55ᵒC). Овие два организми се всушност термофили, односно екстремофилни организми кои се размножуваат на релативно високи температури. Научниците откриле дека двата вида ги преживеале марсовските температури во лабораториски услови.

„Ниската температура на Марс го инхибира нивниот раст, но тие преживеаа”, рече Ребека Микол, еден од истражувачите вклучени во студијата, на прес конференцијата. „Откако беа вратени на потопла температура, тие беа во можност да растат и да ги продолжат метаболичките процеси повторно. Сакавме да утврдиме дали овие студени температури ќе ги убијат или тие ќе бидат во можност да преживеат и да се адаптираат.”

Според Микол, температурите на Марс може да варираат од -90ᵒC и 27ᵒC во само еден марсовски ден. „Ако некој живот постои на Марс во моментов, тој ќе мора да го преживее овој температурен опсег. Опстанокот на овие два метаногени вида изложени на долгорочни циклуси на замрзнувања и одмрзнувања сугерира дека потенцијално би можеле да живеат во подповршинските слоеви на Марс”, додава таа.

Во 2004 година метанот бил откриен во атмосферата на Марс. Главниот истражувач на оваа студија Тимотеј Крал смета дека е можно токму метаногените микроорганизми да се извор на метанот и ги проучувал способностите на овие организми да ги издржат Марсовските услови уште од 90-тите години на минатиот век.

Се разбира, само затоа што овие организми може да ги преживеат овие драматични температурни разлики не мора да значи дека можат да преживеат и на Марс. Тоа е малку покомплицирано. Сеуште не е јасно дали истражувачите успеале да ги реплицираат и другите услови присутни на Марс, покрај овие температури. Но сепак ова е многу интересна студија која секако ја покажува способноста на овие организми да преживеат во некои од најтешките услови на Марс.

Извор: IFLS

Превод: Боро Костевски

Сподели.