Во 1110 година Месечината исчезнала од небото и можеби знаеме зошто

0

Пред речиси еден милениум, се случил огромен пресврт во атмосферата на Земјата. Имено, џиновски облак од честици со голема концентрација на сулфур бил присутен во стратосферата кој го замрачувал небото со месеци, а можеби и години се додека на крајот не паднал на Земјата.

За овој настан знаеме дека се случил бидејќи истражувачите земаа и анализираа примероци од ледените јадра длабоко во замрзнатите покривки и глечери. Примероците содржеа заробени сулфурни аеросоли од вулкански ерупции кои навлегле во стратосферата и потоа се спуштиле назад на површината.

mjesec

Заслуги: Aumphotography/Getty Images

Мразот може да сочува докази од вулкански активности низ неверојатно долги временски периоди, но одредувањето на точниот датум кога се случил одреден настан сѐ уште е сложен процес.

Конкретно за овие примероци, научниците претпоставуваа дека сулфурниот депозит е од големата ерупција во 1104 година на Хекла во Исланд – вулкан кој понекогаш го нарекуваат и „Портата на Пеколот“. Ваквиот заклучок изгледа возможен бидејќи се базира на тоа што примероците од тенки ленти мраз се вбројуваат во најголемите сулфурни депозити од изминатиот милениум.

Но што ако времето на случување е погрешно проценето? Пред неколку години едно истражување заклучи дека временскиот период наречен Хронологија на Леденото Јадро на Гринленд 2005 (англ. Greenland Ice Core Chronology 2005 – GICC05) има грешка дури од 7 години во почетната точка во првиот милениум од нашата ера и грешка од 4 години во крајната точка во следниот милениум.

Според друго истражување од април 2020 година, предводено од палеоклиматологот Себастиен Џулиет од Универзитетот во Женева, Швајцарија, овие откритија значат дека и покрај сѐ, вулканот Хекла не би бил одговорен за џиновскиот сулфатски сигнал.

„Со ревидирање временскиот период на ледените примероци, може да се заклучи едно извонредно откритие – до сега неоткриен биполарен вулкански сигнал со депозити од сулфат кој почнал во доцната 1108 година или раната 1109 година од нашата ера и траел се до раната 1113 година од нашата ера,“ објаснуваат Џулиет и неговите коавтори во нивниот труд. Тие додаваат и дека дополнителни докази за истиот овој настан може да се забележат и во ревидирањето на хронологијата на ледените јадра во Антарктикот.

За подетално да истражат што би можело да биде причината за овие древни остатоци од сулфати на двата Земјини полови, тимот во својата истрага вклучи и одредени историски записи. Тие бараа средновековни записи кои спомнуваат чудни и темни затемнувања на месечината кои настанале поради стратосферски замаглувања од големи ерупции.

„Спектакуларните атмосферски оптички феномени кои се јавуваат како резултат на вулкански аеросоли високо во атмосферата не останале незабележани од древните летописци,“ пишува тимот.

„Наведената осветленост на месечината може да се искористи за да се утврди постоењето на вулкански аеросоли во стратосферата, но и за да се квантифицираат оптичките длабочини по големите ерупции.“

Според записите базирани на астрономска ретрокалкулација од НАСА, забележани се вкупно 7 целосни затемнувања на месечината во Европа во првите 20 години од минатиот милениум, односно помеѓу 1100 и 1120 година од нашата ера.

Меѓу овие записи се вбројува и еден запис во кој се сведочи за затемнување на месечината во мај 1110 година. Во овој запис се опишува извонредната темнина на месечината за време на самиот феномен.

„На петтата вечер во месец Мај, месечината беше навистина светла. Но потоа, малку по малку, како што дојде ноќта, месечината се затемни толку многу што воопшто никаква светлина, никакво хало и апсолутно ништо не можеше да се види од месечината,“ напишал еден набљудувач во Peterborough Chronicle.

Многу астрономи го имаат разгледано ова мистериозно и невообичаено темно затемнување на месечината. По многу векови од овој настан, астрономот Џорџес Фридрих Чемберс за ова затемнување пишува: „Неоспорливо е дека ова затемнување било пример за ‚црно‘ затемнување во кое месечината станува прилично невидлива наместо да сјае во бакарни нијанси“.

Овој настан е добро познат во историјата на астрономијата. Но, истражувачите никогаш претходно немаат предложено дека затемнувањето е предизвикано од присуство на вулкански аеросоли во стратосферата иако, како што предлага новото истражување, тоа е најверојатната причина.

„Да забележиме дека во периодот од 1108 до 1110 година од нашата ера не постојат други докази како што се затемнување на Сонцето, црвени нијанси кога е самрак или црвени соларни халоа кои укажуваат на обвивка од вулканска прашина,“ пишуваат истражувачите.

Па доколку временскиот период е точен, штом вулканот Хекла не е причината за сулфурниот облак, што би можело да го предизвика истиот?

Иако е невозможно да знаеме со сигурност, тимот верува дека најверојатното објаснување е Јапонската Планина Асама. Во 1108 година оваа планина имала џиновска ерупција која траела неколку месеци. Оваа ерупција била значително поголема од последователната ерупција во 1783 година која земала над 1 400 човечки животи.

Во еден дневник од државен службеник се спомнува овој настан од 1108 година: „Имаше оган на врвот од вулканот, густ слој од пепел во дворот на гувернерот и воопшто насекаде низ полињата, а плантажите со ориз беа уништени. Никогаш претходно го немаме видено ова во нашата држава. Ова е многу чудно нешто што се случува многу ретко.“

Дополнително на пишаните сведоштва од очевидците, истражувачите разгледаа и докази од прстените на дрвата. По анализата, од тенките внатрешни прстени може да се претпостави дека 1109 година од нашата ера била многу студена година (околу 1 степен Целзиусов поладно во северната хемисфера).

Постојат и други историски записи кои доаѓаат во прилог на хипотезата дека ерупција (или серија од ерупции кои почнале во 1108 година) предизвикала ужасни последици врз околните заедници. Поконкретно, се работи за записи за климатски и социјални влијанија во годините кои следуваат од 1109 до 1111 година од нашата ера.

Истражувачите приложија „изобилство од сведоштва за неповолни временски услови, уништени агрокултури и недостиг на храна кој преовладувал во овие години.“ Тие додаваат и дека „собраните докази предлагаат тешкотиите кои почнале во 1109 година со кои се соочиле неколку региони во западна Европа прераснале во недостиг на храна.“

Секако, овие дамнешни тешкотии не можат да се земат како доказ за било која конкретна ерупција, туку, како што велат истражувачите, сите овие докази заедно предлагаат еден ‚заборавен‘ кластер од вулкански ерупции во периодот од 1108 до 1110 година кои имале ужасни последици врз човештвото.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.