Со помош на опсерваторијата PANSTARRS, на 18-ти октомври беше откриен нов небесен објект за кој со дополнителни набљудувања ќе се утврди дали е само на поминување низ нашиот Сончев Систем, односно дали потекнува од друг, екстрасоларен планетарен систем.
Објектот е именуван според стандардната ознака за комети, C/2017 U1 (PANSTARRS), бидејќи се движи по издолжена орбита и во спротивна насока во однос на планетите (што е вообичаено за кометите), иако неговата природа не е позната, односно не се знае дали покажува активност карактеристична за комети.
Со анализа на измерени небесни положби во текот на 6 дена е утврдено дека C/2017 U1 (PANSTARRS) има изразено хиперболична орбита со ексцентритет (издолженост) од околу 1,2. Тоа значи дека веќе при влез во Сончевиот Систем неговата брзина изнесувала околу 20 – 30 километри во секунда, односно дека доаѓа од меѓуѕвездениот простор.
Правецот од кој доаѓа на небото е близок со положбата апексот на движење на Сонцето, односно правецот на Сончевото движење во однос на ѕвезденото соседство, а тоа се смета и за најверојатниот правец од кој би можеле да се појават.
Кога ќе се погледнат орбиталните елементи за C/2017 U1 (PANSTARRS), добиени врз основа на сите моментално достапни набљудувања, се гледа дека грешката за ексцентритетот е многу мала во однос на тоа колку вредноста на ексцентритет надминува 1, кога орбитата е парабола.
(null) C/2017 U1 Perihelion 2017 Sep 9.449434 +/- 0.0653 TT = 10:47:11 (JD 2458005.949434) Epoch 2017 Oct 21.0 TT = JDT 2458047.5 Earth MOID: 0.0975 Me: 0.0486 q 0.25327385 +/- 0.00345 Ma: 0.0597 Find_Orb M(T) 22.1 K 10.0 Peri. 241.32886 +/- 0.6 Node 24.60794 +/- 0.014 e 1.1941068 +/- 0.00873 Incl. 122.49196 +/- 0.33 31 of 34 observations 2017 Oct. 18-24; mean residual 0".31
Со јазикот на статистиката, ова е резултат со кој над 20 сигма се разликува од параболната орбита, односно веројатноста дека резултатот е само последица на грешки во набљудувањата и дека овој објект сепак потекнува од Сончевиот Систем, е на еден наспрема милијарда.
Обновување на информациите:
Додека се пишуваше текстот, објектот е преименуван во А/2017 U1 (PANSTARRS), бидејќи не е забележана кометска активност на фотографиите од VLT, односно објектот е ѕвездолик. А, новите мерења дополнително ја намалуваат веројатноста дека е во прашање објект од Сончевиот Систем.
Превод: Петар Ивановски
Извор: Igor Smolic