Од тајни владини податоци се открива дека меѓуѕвезден објект експлодирал на небото во 2014 година

0

Огнената топка забележана на небото над Папуа Нова Гвинеја во 2014 година всушност била еден многу брз објект од друг ѕвезден систем, како што може да се заклучи од еден документ објавен од Вселенската Команда на САД. (aнгл. US Space Command – USSC)

интер стел

Заслуги: Vadim Sadovski/ShutterstockЗаслуги: Vadim Sadovski/Shutterstock

Се работи за мал метеорит со пречник од само 0.45 метри кој влегол во Земјината атмосфера на 8-ми јануари 2014 година со брзина поголема од 210 000 километри на час. Тоа е брзина многу поголема од просечната брзина на метеоритите во Сончевиот Систем, како што се вели во едно необјавено научно истражување за овој објект од 2019 година.

Во тоа истражување се тврди дека од брзината на метеорот и од неговата траекторија може да се заклучи со 99% сигурност дека објектот доаѓа надвор од Сончевиот Систем, веројатно од „длабоката внатрешност на некој планетарен систем или ѕвезда во густиот диск на нашата галаксија Млечен Пат,“ пишуваат авторите.

Но и покрај извонредната сигурност која се тврди во научниот труд, ова истражување никогаш не поминало на рецензија и не било објавено во ниедно научно списание бидејќи податоците потребни за да се верифицираат тврдењата биле тајни и во сопственост на владата на САД, објавува списанието Vice.

Сега, научниците од USSC и официјално ги потврдија откритијата на научниците. Преку еден документ објавен на 1-ви март и прикажан на социјалната мрежа Твитер на 6-ти април, Полковник Генерал Џон Е. Шо, како заменик командир на USSC пишува дека анализата на огнената топка во 2019 година била „доволно прецизна за да се потврди меѓуѕвездената траекторија.“

Со ова практично метеорот од 2014 година станува првиот меѓуѕвезден објект што сме го детектирале во Сончевиот Систем, се вели во документот.

Откривањето на овој објект се случило пред откривањето на познатиот објект со издолжена форма како цигара, Омуамуа, кој исто така се движи пребргу за да доаѓа од Сончевиот Систем. Според документот од USSC, метеорот е откриен три години пред Омуамуа. Според НАСА, за разлика од метеорот детектиран во 2014 година, објектот Омуамуа беше детектиран на далечно растојание од Земјата и всушност тој веќе се оддалечуваше и излегуваше од Сончевиот Систем.

Амир Сирај, теоретски астрофизичар од Универзитетот Харвард и главен автор на научниот труд од 2019 година, вели дека тој сѐ уште има намера да го објави истражувањето за да можат останатите астрономи да ги градат идните вселенски откритија на темелите на неговото истражување.

Иако потрагата по остатоците од меѓуѕвездениот објект звучи како нешто невозможно, Сирај веќе почнал да се консултира со експерти за можноста да се организира експедиција за прибирање на остатоците.

„Можноста за да стигнеме до првото парче меѓуѕвездена материја е толку возбудлива што вреди да се истражи и да се зборува со сите експерти за океански експедиции во светот, со цел да се пронајдат метеоритите,“ вели Сирај.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.