Новите анализи на органските молекули најдени во исушената Марсовска кал во кратерот Гејл наговестуваат на една интересна можност. Научниците заклучија дека е невозможно да се исклучи веројатноста овие молекули да имаат биолошко потекло.
Иако нашето разбирање за Марсовските молекули е нецелосно, податоците со кои располагаме и разбирањата кои сме ги заклучиле базирајќи се на овие податоци, можеби и не се драстично различни од оние на Црвената Планета со жив свет во период од пред неколку билиони години.
Роверот Кјуриосити ги извади овие молекули од една калница во кратерот Гејл, која ја викаме Формацијата Мјури. За ова откритие беше напишан и научен труд во 2018 година. Првичните експерименти открија поголем број на молекули, меѓу кои и ароматични соединенија наречени тиофени.
Тука на Земјата, ваквите соединенија ги среќаваме на многу интересни места. Ги наоѓаме во суровата нафта добиена како резултат на компресирани и прегреани мртви организми (како на пример морски микроорганизми и алги) и во јагленот кој е добиен како резултат на компресирани и прегреани растенија.
Веруваме дека соединението се формира абиотички (преку физички процес, а не биолошки) кога сулфурот реагира со органските хидрокарбонати на температури од над 120 степени Целзиусови и оваа хемиска реакција ја викаме термохемиска сулфурна редукција (ТСР).
И покрај тоа што оваа реакција е абиотичка, потеклото на хидрокарбонатите и сулфурот може да биде биолошко. Токму затоа научниците решија да истражат како точно се формираат тиофените на Марс.
„Идентификувавме неколку начини на формирање на тиофени кои изгледаат поверојатни од повеќето хемиски реакции, но сѐ уште немаме доказ,“ изјави астробиологот Дирк Шулц-Макуч од Државниот Универзитет во Вашингтон.
„Доколку најдете тиофени на Земјата, можете слободно да претпоставите дека се со биолошко потекло. Но за да го заклучите истото за тиофените на Марс, треба да обезбедите прилично силен доказ.“
Постојат голем број на начини преку кои би се формирале тиофени на Марс без присуство на живот. Доколку го земеме во предвид и пронаоѓањето на тиофени во метеоритите, постои и можност дека некои екстра-марсовски објекти ги донеле молекулите на Марс.
Иако и денес се возможни, геолошките процеси во времето кога планетата Марс била вулкански активна, би можеле да ја обезбедат потребната температура за ТСР. Уште повеќе, вулканската активност обезбедила и големо количество на сулфур.
Но постои и нешто многу интересно за Марсовските тиофени. За овој процес потребно е сулфурот да биде нуклеофилен, односно атомите на сулфур да обезбедат електрони за формирање на врска со некој друг атом. Сепак, поголемот дел од сулфурот на Марс не се вбројува во категоријата на нуклеофилни сулфати.
Ваквиот сулфур може да премине во нуклеофилен сулфур преку ТСР. Но постои и уште еден начин, а тоа е биолошкта сулфурна редукција (БСР). Одредени бактерии и габички на Земјата можат да произведат тиофени.
Постои веројатност дека пред околу три билиони години кога планетата Марс била потопла и повлажна, постоеле бактериски колонии кои ги произвеле тиофените, што е возможно и на температури пониски од 0 степени Целзиусови. Низ годините Марс пресушил, а тиофените останале на местото каде Кјуриосити ги ископа од калницата после толку многу години.
За жал, примерокот беше малку оштетен. Кјуриосити користи техника за анализирање, наречена пиролиза, со која примероците се загреваат на температура од над 500 степени Целзиусови. Ова значи дека постои и некаква граница за тоа колку можеме да научиме од тоа што останало.
Но роверот Розалинд Френклин ќе биде опремен со инструменти кои се многу повнимателни со примероците, сѐ со цел следните тиофени кои ќе ги ископа да не бидат толку оштетени.
Дополнително, можеме да научиме и од јаглеродните и сулфурните изотопи исто така. Знаеме дека живите организми преферираат полесни изотопи, па доколку тиофените содржат лесни изотопи, тоа ќе ги зголеми и шансите за постоењето на биолошките процеси.
Но за жал, најверојатно не можеме да се осигураме само преку копањето на нашите роботи.
„Како што кажа Карл Сеган ‚извонредните тврдења бараат и извонредни докази’,“ вели Шулц-Макуч.
„Мислам дека за да обезбедиме ваков доказ, потребно е да пратиме луѓе на Марс, со што нашите астронаути ќе можат да погледнат низ микроскоп и да ги видат микробите во движење.“
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: www.sciencealert.com