Како изгледал Марс пред 3,5 милијарди години? Оваа слика за Марс еволуира пред очите на научниците кои работат на „Кјуриосити“ (Curiosity – Љубопитност) роверот на НАСА. Замислете си езерца на дното на кратерот „Gale“, басен со ширина од 150 km, моментално истражуван од страна на „Кјуриосити“. Можеби ѕидовите на кратерот биле украсени со потоци кои течеле кон неговото дно. Со брз прелет низ историјата може да ги видиме овие потоци како се преполнуваат па пресушуваат во циклус кој најверојатно се повторил многу пати низ милиони години.
Ова е пејсажот опишан од научниците на „Кјуриосити“ во труд објавен во Nature Geoscience. Авторите ги интерпретираат карпите збогатени со минерални соли ,откриени од страна на роверот, како доказ за плитки солени езерца кои минале низ епизоди на преполнување и сушење. Депозитите се обележје на климатските флуктуации кои ги искусил Марс во преминот од планета со влажна клима во смрзнатата пустина која е денес.
Научниците сакаат да разберат колку долго било потребно да дојде до оваа транзиција и кога точно се има случено. Овие нови траги може да се знак за нови откритија на патот на „Кјуриосити“ кон регионот наречен „едница со сулфати“, која се очекува дека се формирала во уште посуви услови. Регионот е многу различен од пониските места на планината Aeolis Mons каде „Кјуриосити“ откри докази за перзистентни слатководни езера.
Кратерот „Gale“ е остаток од древен масивен удар. Седиментот носен од водата и ветерот евентуално го исполнил подот на кратерот, слој по слој. По зацврстувањето на седиментот, ветерот ги изрезбал слоевитите камења на Aeolis Mons која „Кјуриосити“ ја искачува денес. Изложени на падините на планината, секој слој открива различна ера од историјата на Марс со патокази за доминантната клима во тоа време.
„Отидовме во кратерот „Gale“ бидејки го има зачувано овој уникатен запис за промените на Марс“ вели главниот автор Вилијам Рапин од „Caltech“. „Разбирањето на тоа како и кога климата на планетата почнала да еволуира е само делче од една друга загатка – Кога и колку долго Марс можел да поддржи микробиолошки живот на површината?“
Тој и неговите коавтори ги опишуваат солите најдени низ 150 m високиот дел од седиментарен камен наречен „Sutton Island“, кој „Кјуриосити“ го посетил во 2017. Врз основа на серија процепи во калта на локацијата наречена „Old Soaker“ тимот веќе знаел за постоењето на нерегуларните суви периоди. Солите на „Sutton Island“ сугерираат создавање на високо концентрирани солени раствори на вода.
Вообичаено кога едно езеро целосно ќе пресуши, остава брда од чисти кристали на сол зад себе. Но солите на „Sutton Island“ се различни. Најпрво тие се минерални соли, а не готварска сол. Исто така тие се измешани со седимент што сугерира дека се кристализирале во влажна средина – најверојатно веднаш под испарливите езерца исполнети со високо солена вода.
Бидејки Земјата и Марс биле слични во нивните рани денови, Рапин шпекулира дека оваа локација е слична на солените езера на Altiplano во Јужна Америка. Потоците и реките кои течат од планинските венци во оваа сува, висока рамнина создаваат затворени басени слични на кратерот „Gale“ на Марс. Езерата на Altiplano се под силно влијание на климата исто како и оние од кратерот. „За време на посувите периоди, езерата на Altiplano стануваат поплитки и некои дури целосно пресушуваат.“ вели Рапин. „Фактот и дека кај нив нема присуство на вегетација ги прави налик оние на Марс.“
Високо солените камења на „Sutton Island“ се само една трага од неколку кој тимот ги користи да ја склопи приказната за климатските промени на Марс. Гледајки го целото патешествие на „Кјуриоисити“ кое започна во 2012, тимот увидел циклус на промени од влажна во сува клима низ големи временски периоди. „При искачувањето на Aeolis Mons гледаме еден тренд на премин од повалажен во посув регион.“ вели еден од научниците на проектот Ешвин Васавада од лабораторијата за млазни погони на НАСА во Пасадина, Калифорнија која ја води мисијата „Научна лабораторија Марс“ од која дел е мисијата на „Кјуриосити“. „Но овој тренд не се случил нужно линеарно. Најверојатно станувало збор за нерегуларен премин кој вклучувал посуви периоди како оние што ги гледаме кај „Sutton Island“, проследени со повлажни периоди, како оние кај „единицата со глина“ која „Кјуриосити“ ја истражува денес“.
Досега, роверот има сретнато многу слоеви на рамен седимент кои бил нежно депониран на дното на езеро. Крис Федо од тимот кој е специјалист по седиментни слоеви при Универзитетот на Тенеси, забележува дека „Кјуриосити“ моментално минува низ големи карпести структури кои може да се формираат само во околина со повисока енергија како област со потоци изложени на ветер. Ветерот или проточната вода натрупуваат седимент во слоеви кои со тек на време се закривуваат. Кога ќе се зацврстат во камен тие стануваат големи структури налик „Teal Ridge“ кој „Кјуриосити“ го истражуваше минатото лето. „Откритието на закривени слоеви представува голема промена каде пејсажот повеќе не е целосно под вода“ вели Федо. „Можеби ја оставивме ерата на длабоки езера зад нас.“
„Кјуриосити веќе има забележано повеќе закривени слоеви во далечната „единица со сулфати“. Научниот тим планира да го одвози до таму во наредните пар години и да ги истражи многуте тамошни карпести структури. Доколку се формирале во посуви услови кои перзистирале долг период, тоа може да значи дека „единицата со глина“ представува преодна фаза – премин во друга ера во водената историја на кратерот „Gale“.
„Сеуште не може да кажеме дали станува збор за депозити од ветер или реки кај „единицата со глина“ но се чуствуваме доволно сигурни да кажеме дека не станува збор за истото нешто како она што го видовме досега и она што сеуште лежи пред нас.“ вели Федо.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: phys.org