Со неколкугодишното набљудување на галаксијата „Вител“ со телескопите на IRAM (the Institut de Radioastronomie Millimétrique) астрономите дадоа сосема нов поглед на процесот на формирање на ѕвездите. Направен е каталог со повеќе од 1500 молекуларни облаци, а притисокот кој постои во секој од нив е одлучувачки фактор за тоа дали во некој од нив ќе се формира ѕвезда.
Облаци составени од водород со маси илјадници па и милиони пати поголеми од тие на Сонцето колабираат под влијание на сопствената гравитација. Притисокот и температурата растат и во еден момент, стануваат толку големи што овозможуваат почнување на процесите на нуклеарна фузија. Штом се случи ова, ѕвездата е родена.
Истражувањето кое е предмет на оваа статија може да го смени овој концепт за создавањето на ѕвездите. Според зборовите на Eva Schinnerer од „Макс Планк“ Институтот за Астрономија, во минатите 4 години креирана е најкомплетната мапа на молекуларни облаци, со податоци за количината на водород во секој од нив, како и соодносот на старо и новоформирани ѕвезди по региони (во однос на количината на гасот во тие региони). Во фокусот на истражувањето е галасијата „Вител“ (позната и како М51) одалечена 23 милиони светлосни години во соѕвездието Canes Venatici.
Добиваме слика за молекуларните облаци која е доста поразлична од онаа која се сметаше за најверојатна. Се мислеше дека облаците се осамени објекти, релативно изолирани од околниот меѓуѕвезден гас, но сега се гледа дека всушност 50 % од водородот се наоѓа надвор од облакот, во еден вид на дифузна, дискоидна магла.
Овој гас не влијае само на формирањето на ѕвездите, туку и на структурата на галаксиите. Пример се спиралните галаксии, каде ѕвездите се многу поконцентрирани во нивните краци, отколку во другите делови. Како и да е, комплексните меѓудејства меѓу облаците од гас и другите структури одлучуваат дали од дадениот облак ќе се создаде ѕвезда или не.
Галаксијата „Вител“ е „примерок“ кој е проучен детално. Останува да се направи истото со други галаксии, па со споредба на резултатите да се добијат нови заклучоци.
Извор: Universe Today
Превел: Милан Велков