Кој бил уделот на Мајкл Колинс во Аполо 11 слетувањето на месечината

0

На 20ти јули 1969 година, кога астронаутите Нил Армстронг и Баз Алдрин станаа првите луѓе кои стапнале на месечината, третиот член на екипажот загрижено чекал во лунарната орбита, притоа вршејќи витална задача. Без астронаутот Мајкл Колинс, Армстронг и Алдрин никогаш не би стапнале на месечината, ниту пак би се вратиле дома.

Аполо 11 бил вториот вселенски лет за Колинс, после оној во 1966 како дел од Џемини 10 (Gemini 10) мисијата, заедно со Џон В. Јанг (кој бил дел и од Аполо 16). Колинс е третата личност која има изведено aктивност надвор од вселенското возило, и првата личност која тоа го има направено повеќепати. Колинс воедно служел како комуникатор со капсулата, витална врска помеѓу контролата на мисијата и астронаутите во вселената за време на Аполо 8, првата мисија која орбитирала околу месечината.

Неколку минути по лансирањето на Аполо 11, Колинс го пилотирал командниот модул Колумбија, извршувајќи маневри кои го одвоиле од третата фаза на Сатурн V ракетата која ги однела во вселената. Овој процес го открил Орел (Eagle) модулот за слетување на месечината, кој бил безбедно сместен позади Колумбија. Колинс требало да изврши критичен маневр со цел соодветно да ја позиционира и прикачи Колумбија, во спротивно Аполо 11 мисијата ќе била неуспешна и астронаутите би биле принудени да се вратат на Земјата.

Неколку дена подоцна, додека Армстронг и Алдрин ги правеле малите чекори за човекот, но големи за човештвото, Колинс 21.5 часа сам орбитирал околу месечината. За време на овие соло орбити, пилотот на Колумбија почувствувал периоди на најдлабоката осаменост за едно човечко битие – при секое орбитирање бил 48 целосно минути сам, покрај темната страна на месечината, без било каков радио контакт со Земјата или останатите членови на екипажот, со камен широк 2100 милји помеѓу него и било кое живо суштество. Колинс подоцна изјавил дека не се чувствувал осамено и дека самото искуство повеќе било инспиративно и возбудливо, од што застрашувачко.

Сепак, најголем дел од тие 21.5 часа додека чекал и ја заобиколувал месечината, Колинс бил загрижен дали неговите колеги ќе се вратат. Никој не бил сигурен дека Eagle, модулот за слетување на месечината, навистина ќе успее да слета. Воедно моторот за полетување никогаш не бил тестиран на месечината и Армстронг и Алдрин презеле пресметан ризик дека тој воопшто би стартувал или пак ќе биде доволно моќен и издржлив за да ги изнесе од месечевата гравитација и така да овозможи повторно да се сретнат со Колумбија. Проценката на астронаутите била 50/50, но сепак, решиле дека ќе ја извршат мисијата.

Како што лунарниот модул се одделил од Колумбија и почнал да се приближува кон месечината, Колинс преку радио им порачал на екипажот да продолжат да зборуваат со него, но неколку минути подоцна Колумбија го однела Колинс надвор од радио контакт со Армстронг, Алдрин и било кое друго човечко суштество во времетраење од 48 минути.

За време на следните 21.5 часа, сè што можел да направи Колинс е да чека. Во меѓувреме снимил неколку пораки, вклучувајќи ја и следната: „Мојот скриен страв во последните шест месеци беше дека ќе ги оставам на месечината и ќе се вратам сам дома; сега сум на само неколку минути од тоа да ја дознаам вистината“. Истиот страв го поседувале сите на земјата, така што НАСА биле спремни за трагичен завршеток. Претседателот Никсон имал припремен говор во случај полетувањето на лунарниот модул да биде неуспешно.

Колинс воедно размислувал и каков би му бил животот доколку се врати на Земјата сам, оставајќи ги Армстронг и Алдрин мртви, или пак полошо, да чекаат да им се потроши воздухот на месечината. Во снимките изјавил „Се враќам дома, но свесен сум дека ќе бидам обележан целиот свој живот“.

Но благодарејќи на еден час поминат во исфрлање на непотребни предмети од модулот за слетување, од ќеси со урина до научна опрема, Армстронг и Алдрин успеале безбедно да полетаат од површината на месечината кон нејзината орбита, каде што се сретнале повторно со Колумбија.

Армстронг пилотирал за време на слетувањето на месечината, но маневарот за прикачување бил во целост во рацете на Колинс. Тоа е моментот за кој Колинс тренирал додека неговите колеги учеле како да управуваат со лунарниот модул и вежбале за лунарната екскурзија. На крај се исплателе сите часови поминати во тренинг, како и оние поминати во напнатост и грижа, и тројцата астронаути заедно го започнале патувањето кон дома.

Превод: Даница Ѓорѓевска

Извор: forbes.com

Сподели.