Сликата направена со телескопот Џејмс Веб открива нови детали за маглината Рак во инфрацрвена боја, вклучувајќи различни хемиски елементи, прашина и светлина создадени од забрзани честички. Сликата е значајна затоа што дава извонредни, досега невидени детали кои помагаат да се открие збунувачката историја на остатокот од суперновата.
Вселенскиот телескоп Џејмс Веб ја погледна маглината Рак, остаток од супернова лоциран на оддалеченост од 6.500 светлосни години во соѕвездието Бик. Сè од забележувањето на овој енергетски настан во 1054 година од страна на астрономите кои живееле во 11 век, маглината Рак продолжува да привлекува внимание сè до денес. Оваа маглина е остаток од супернова па преку нејзино темелно проучување научниците се обидуваат да ги разберат условите, однесувањето и последователните ефекти на суперновите.
Користејќи го телескопот на Веб, тим предводен од Теа Темим (Tea Temim) од Универзитетот Принстон бара одговори за потеклото на маглината Рак.
„Чувствителноста на Веб и просторната резолуција ни овозможуваат прецизно да го одредиме составот на исфрлениот материјал, особено содржината на железо и никел, што може да открие каков тип на експлозија ја создала маглината Рак“, објаснува Темим.
На прв поглед, општата форма на остатокот од супернова е слична на сликата во оптичка бранова должина објавена во 2005 година од вселенскиот телескоп Хабл на НАСА. Во инфрацрвеното набљудување на Веб, јасната структура на меки гасовити филаменти слична на кафез е прикажана во црвено-портокалова боја. Меѓутоа, во централните региони, емисијата од зрната прашина (жолто-бела и зелена) е мапирана од Веб за прв пат.
Дополнителни аспекти во внатрешноста на маглината Рак стануваат поистакнати и се гледаат подетално во инфрацрвената светлина снимена од Веб. Конкретно, Веб го истакнува она што е познато како синхрононско зрачење: емисија произведена од наелектризирани честички, како електрони, кои се движат околу линиите на магнетното поле со релативистички брзини. Зрачењето овде се појавува како млечен материјал сличен на чад низ поголемиот дел од внатрешноста на маглината Рак.
Оваа карактеристика е производ на пулсарот на маглината, неутронска ѕвезда која брзо ротира. Силното магнетно поле на пулсарот ги забрзува честичките до екстремно високи брзини и предизвикува нивно емитирање на зрачење додека се вртат околу линиите на магнетното поле. Иако емитирано низ електромагнетниот спектар, синхротронското зрачење се гледа со невидени детали со инструментот NIRCam на Веб.
Потрагата по одговори за минатото на маглината Рак продолжува додека астрономите дополнително ги анализираат податоците од Веб и ги консултираат претходните набљудувања на остатокот од супернова преземени од други телескопи. Научниците ќе имаат нови податоци од Хабл за прегледување во текот на следната година или две од повторното снимање на остатокот од супернова со телескопот. Ова ќе го означи првиот поглед на Хабл на емисионите линии од маглината Рак по повеќе од 20 години и ќе им овозможи на астрономите попрецизно да ги споредат наодите на Веб и Хабл.
Превод: Сања Павлова
Извор: nasa.gov