Кометите веројатно не се извор на водата на Земјата

0

Првичните резултати од истражувањето на Розета велат дека изотопите во составот на водата на кометата имаат многу поразлични пропорции од оние на Земјата.

Широкоаголната камера на Розета забележа млазови од гас кои излегуваат од јадрото на кометата 67p/Churymov-Gerasimenko. Се очекува кометата да биде многу поактивна во месеците кои ќе следат. Извор: ESA/OSIRIS Team

Широкоаголната камера на Розета забележа млазови од гас кои излегуваат од јадрото на кометата 67p/Churymov-Gerasimenko. Се очекува кометата да биде многу поактивна во месеците кои ќе следат. Извор: ESA/OSIRIS Team

Космичките хемичари веруваат дека Земјата поради топлината и хаосот ја изгубила водата која постоела пред 4.6 милијарди години. Значи, водата која денес нè опкружува мора да потекнува од друго место од Сончевиот систем. Се смета дека кометите се најлогичното решение за изворот на вода на нашата планета. Исто така, тука се и астеоридите богати со вода. Дискусијата веќе трае неколку децении и сè уште не постои конкретен одговор за потеклото на водата.

Новите резултати добиени од Розета наговестуваат дека шансите се поголеми на страната на астероидите, наспроти кометите. Ова се должи на фактот дека изотопите на водата од кометата 67P не се совпаѓаат со оние кај нашата вода.

Розета ја стигна кометата пред четири месеци, кога замрзнатото јадро веќе испушташе големи количества на гас и прашина во околината. Инструментот наречен ROSINA (Rosetta Orbiter Spectrometer for Ion and Neutral Analysis) уште веднаш започна со анализа на водената пареа и другите егзотични молекули кои се најдоа на околу 100 километри од јадрото.

На кометата беше откриено дека соодносот на деутериумот со обичниот водород е 1 спрема 1900. На Земјата водата ги содржи овие изотопи со размер 1 наспрема 6700, што значи околу 3.5 пати повеќе отколку на Земјата. Ова воедно е и најголемото изобилство на деутериум досега измерено во рамките на Сончевиот систем.

На некој начин, ова откритие и не е огромно изненадување бидејќи и од претходните истражувања на кометите преку телескопите од Земјата добивме податоци за високите количества на деутериум. Понатаму, и вселенското летало Џото (Giotto) откри големи размери на деутериум наспроти водород на Халеевата комета во 1986 година. Поради сето ова, астероидите полека, но сигурно, стануваат главните кандидати за извор на водата на Земјата.

Спротивно на ова, мисијата на ЕСА со вселенскиот телескоп Хершел (Herschel) откри дека размерите на деутериум со водород на кометите 103P/Hartley 2 и 45P/Honda-Mrkos-Pajdušáková се слични со оној на Земјата. Овие две не се по потекло од Оoртовиот oблак туку поверојатно се од фамилијата на Јупитеровите комети кои потекнуваат од Кајперовиот појас, зад Нептун.

Пропорциите на водород со неговиот потежок изотоп деутериум се разликуваат низ нашиот систем. Најголеми се размерите каде температурите на протосоларната маглина биле најладни, односно далеку од Сонцето, во кометите. Но, самите комети имаат големи разлики во овие пропорции. Извор: К. Altwegg

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Sky and Telescope

Сподели.