Колкави се шансите огромен Сончев блесок наскоро да ја погоди Земјата?

0

Во 1859, моќна Сончева бура лансираше огромни Сончеви блесоци (solar flares) кон Земјата, а последователниот наплив на електрицитет беше причината за исклучувањето на телеграфските системи секаде на планетата.

Колкави се шансите огромен Сончев блесок наскоро да ја погоди Земјата?

Сончев одблесок сликан од Опсерваторијата за Сончева динамика во октомври 2015, видлив во долниот десен дел од сликата. Заслуги: NASA Goddard Space Flight Center

Според ново истражување во Астрофизичкото списание (The Astrophysical Journal), има добра веројатност дека слична бура би можела да ја погоди Земјата во следните 100 години – и последиците би биле многу поголеми. Таа не само што ќе уништи електрични кола во свет којшто е прекриен со нив, туку и ќе предизвика штета од 10 трилиони долари.

Ави Лоеб и Манасви Лингам, два прочуени астрофизичари на универзитетот Харвард, се загрижени заради можноста од таканаречените „суперблесоци“ (superflares) веќе некое време. За разлика од поголемиот дел на научници, тие се многу позагрижени за ваков Сончев блесок отколку за судари со астероиди или вулканска суперерупција.

Во нивното ново истражување тие истакнуваат дека, во најлошото можно сценарио, „најмоќните суперблесоци можат да послужат како способни двигатели на масовни изумирања,“ и дека „ризикот од суперблесоци е потценет.“

 

Користејќи го геолошкиот запис, заедно со податоци од други ѕвезди налик на Сонцето, парот научници ја пресметале фреквенцијата на различни видови на суперблесоци кои ја погодуваат Земјата. Тие откриле дека екстремните, атмосферно-еродирачки, истребувачки суперблесоци се случуваат на Сонцето еднаш на секои 20 милиони години. Додатно, тие пронашле и дека веројатноста за појавата на суперблесок способен да предизвика значајна еколошка и технолошка штета во овој век е 1 во 1000. Веројатноста за послаб суперблесок, којшто би предизвикал штета само на електричните системи, е уште поголема, можеби дури 1 од 8.

Само како споредба, веројатноста да бидете сведок на супервулканска ерупција во текот на твојот живот, а е нешто многу медиумски попокриено, е околу 90.000 пати помала во споредба со посведочување на некој вид на суперблесок.

Неодамна, овие двајца истражувачи напишаа истражување во кое се опишува како би можел да се искористи магнетен штит со Земјина големина за да се заштитиме од ваков настан. Иако несогледливо скап, ваков проект е нешто за кое човештвото би требало да размисли ако веројатноста за суперблесок е толку вознемирувачки висока.

Колкави се шансите огромен Сончев блесок наскоро да ја погоди Земјата?

Тука е претставена исфрлување на коронална маса, последователно од Сончев одблесок на неговата површина, во август 2012. Заслуги: NASA Goddard Space Flight Center

Па што навистина е суперблесок, во споредба со нормален Сончев блесок? Разликата, како што би можеле да претпоставите, е во енергијата која секој од овие феномени ја носи.

Сончевите блесоци, придружени со излив на видлива светлина, ослободуваат околу 100 квинтилиони џули енергија, заедно со изобилство од електромагнетска радијација. Тие можат да се појават на секои неколку дена, но и по неколку пати на ден.

Суперблесоците се далеку помоќни Сончеви експлозии, од видот кој ослободува до 10.000 пати повеќе енергија од обични блесоци. Само еден од нив содржи доволно енергија за да го задоволи енергетските потреби на Земјата за 14.700 години.

И во двата случаи, ако се насочени правилно, на овие блесоци им требаат неколку денови да стигнат до Земјата, по што се судираат со Земјиното магнетно поле и создаваат спектакуларни аурори.

Но, ако овие блесоци се екстремно енергетски, магнетното поле на планетата искусува огромен пораст на неговите електрични струи. Ова може да започне геомагнетна бура, која ако е доволно моќна има потенцијал да онеспособи сателити и електрични мрежи, па дури и делумно да го отстрани озонскиот слој.

Всушност, во 2012 Земјата беше промашена – за малку. Една експлозија на Сонцето имаше произведено не само изобилство електромагнетна радијација, туку и исфрлување на коронална маса – фонтана од високо-магнетизирани честички од соларната плазма.

Ако овие се судреа со магнетното поле на Земјата, сигурно ќе предизвикаа геомагнетна бура споредлива со настанот во 1859-тата. За среќа, планетата го промаши овој настан за само девет дена. Ако бевме на неговиот пат тогаш, овој настан ќе ни предизвикаше распространета технолошка и економска штета.

Иако неколку филмови претставуваат суперблесоци кои ја растопуваат атмосферата на планетата, општото мислење е дека нашето Сонце не е ни оддалеку доволно нестабилно или енергично за да предизвика такви чудовишта кои би ја уништиле Земјата.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: IFL Science

Сподели.