Постојат неколку начини на кои може да се измери напредокот на човечката цивилизација. Растот на населението, подемот и падот на империите, нашата технолошка способност да посегнеме по ѕвездите. Но, една едноставна мерка е количината на енергија што луѓето ја користат во секој даден момент. Како што човештвото се шири и напредува, нашата способност за употребување енергија е една од нашите најкорисни вештини.
Ако претпоставиме дека цивилизациите на други планети би поседувале слични вештини, потрошувачката на енергија на една цивилизација би била добра груба мерка за нивната технолошка моќ. Ова е идејата зад Кардашевата скала. Рускиот астрофизичар Николај Кардашев ја предложил скалата во 1964 година. Тој ги категоризирал цивилизациите во три типа: планетарни, ѕвездени и галактички. Цивилизација од тип I може да употреби толку енергија колку што стигнува до нејзината матична планета од нејзината домашна ѕвезда. Цивилизација од тип II може да ја употреби енергијата од својата домашна ѕвезда, а типот III може да ја употреби енергијата од својата домашна галаксија.
Идејата била дополнително популаризирана од Карл Саган, кој предложил непрекината скала за мерење наместо само три типа. Па каков тип на цивилизација сме ние? Иако луѓето користат огромно количество енергија, на крајот не се ни квалификуваме како тип I. Во просек, околу 10^16 вати сончева енергија стигнуваат до Земјата, а човештвото моментално користи околу 101^3 вати. На лизгачката скала на Саган, тоа ни дава околу 0,73.
Тоа не е лошо за едни еволуирани мајмуни, но покренува интересно прашање. Дали воопшто би можеле да стигнеме до тип I? Сепак, не можеме да ја фатиме целата сончева светлина што стигнува до Земјата, а покрај тоа и да имаме планета погодна за живот.
Ова прашање е проучено во труд неодамна објавен на arXiv. Трудот ги разгледува трите главни извори на енергија: фосилни горива, нуклеарни и обновливи извори, и го пресметува нивниот потенцијален раст со текот на времето. Од една страна, достигнувањето тип I изгледа прилично лесно. Ако го направиме производството на енергија наш главен приоритет, ќе го достигнеме тоа на крајот. Но, секој извор на енергија има свои ограничувања.
Во најлош случај, кој би се случил ако го согориме секој грам фосилно гориво што можеме, тоа би не довело до ниво на климатски промени кое би не докрајчило сите, во таканаречениот Голем филтер. Истребена цивилизација не може да стане тип I. Заради тоа, тимот зазема поразработен пристап, анализирајќи ги физичките ограничувања на секој извор на енергија и балансирајќи ги со потребата да се ограничат климатските промени и нивоата на загадување, како што е наведено во Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени и Меѓународната агенција за енергија.
Тие открија дека дури и со реални ограничувања, можно е човештвото да стане цивилизација од тип I. Лошата страна е што тоа нема да го достигнеме барем до 2371 година. Тоа не е нужно лоша работа. Скалата Кардашев е многу непрецизна алатка за мерење на обемот на човечката технологија. Додека напредните цивилизации бараат значителна енергија, досега имаме видено како напредоците во изработка на компјутери со ниска потрошувачка и зголемена ефикасност ни овозможуваат да ја намалиме или израмниме потрошувачката на енергија додека продолжуваме технолошки да напредуваме. Иако овој труд покажува како би можеле да станеме цивилизација од тип I, можно е да бидеме навистина напредни кога ќе сфатиме дека тоа не ни треба.
Превод: Јоаким Јаковлески