Во раните 1970-ти, идниот Аполо 17 астронаут Џек Шмит силно се залагаше за тоа НАСА да го слета Аполо 17 на далечната страна на Месечината, но без успех. Неговиот аргумент беше дека може да се направат уникатни научни истражувања на тој фасцинантен регион од месечевата површина, но НАСА сметаше дека е премногу ризично.
По изминати 40 години, Кина планира да го постигне ова во 2018 или 2019 г. со беспилотен ровер со што ќе стане првата нација која ќе слета на далечната страна на Месечината и која ќе го искористи како прв чекор во изградбата на лунарна база.
Името на леталото и роверот ќе бидат Чанг’е 4 како наследници на предходната Чанг’е 3 која слета на 14 декември 2013 г. Ова беше првото слетување на Месечината по советската Луна 24 во 1976 г. Европската Вселенска Агенција можеби ќе игра улога во мисијата, но не се знае уште која.
Исто така ќе биде поставен и сателит во Земјино-месечевата лагранжова точка 2 (Л2) во која Кина прати тест вселенско летало минатата година. За мисија на далечната страна, ова е многу важно бидејќи оваа страна никогаш не е свртена кон Земјата па комуникацијата мора да се одвива преку овој преносен сателит. Ова е една од причините заради која Шмит толку многу сакаше мисија овде. Со ова би се тестирало како астронаутите ќе се справат со комуникација со Земјата на овој начин, што најверојатно ќе биде потребно за идни мисии на Марс.
Со поставување на лунарна база на оваа страна може да се направат многу интересни работи. На пример, бидејки Земјата никогаш не е во видик далечната страна е заштитена од радио бранови интерференци од Земјата, па радио телескоп поставен таму би имал многу поубав поглед кон универзумот.
Додатно има интересни места на далечната страна како Аиткен басенот, додека пак Л2 точката исто така се смета и за можна локација на проидна вселенска станица за идни мисии во Сончевиот систем.
Кина има желба за соработка со другите нации во вселената и веќе се надева дека ќе и биде дозволено да се вкотви на Интернационалната Вселенска Станица во иднината. Исто така може да биде вклучена во идни мисии на Марс заедно со Европската Вселенска Агенција која пак предложи изградба на лунарно село.
Соработката со Кина е комплицирана за НАСА бидејки вселенските правилници на САД забрануваат соработка со Кинеската Вселенска Агенција на било кој начин поради што и други земји избегнуваа соработка со неа.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: IFLS