Кажете ѝ здраво на Земја 2.0! Историски откритија добиени со Кеплер

0
Земја 2.0

Уметничка концепција од Кеплер 452b која го покажува потенцијалниот изглед на површината на оваа планета, вклучувајќи вода и активни вулкани. Заслуги: Институтот SETI

Запомнете го името Кеплер 452b, бидејќи во потрагата по одговор на тоа дали сме сами во големиот и фасцинантен Универзум постои можност конечно да пронајдовме кандидат за Земја 2.0.

Научниците за првпат открија нешто што наликува на карпест свет кој орбитира околу ѕвезда која е налик нашето Сонце, и тоа на растојание скоро еднакво како тоа помеѓу Земјата и Сонцето. Иако во минатото беа откриени и други потенцијални планети кои се погодни за живот, ова е првиот објект кој има голема веројатност да претставува уште една планета како нашата Земја.

Кеплер 452b, откриен од страна на Вселенскиот телескоп Кеплер на НАСА, се наоѓа на оддалеченост од 1.400 светлински години. Објектот орбитира околу ѕвезда која е 4% помасивна и 10% посветла од нашето Сонце. Самата планета е 1.6 пати поголема од Земјата, притоа влегувајќи во категоријата на супер-Земји. Сепак, според неговата големина и според ѕвездата околу која орбитира, научниците се убедени дека објектот претставува карпест свет.

Орбитата на објектот, 384.84 Земјини денови и растојанието кое е 5% поголемо отколку растојанието меѓу нашата планета и Сонцето, ја сместува планетата точно во „зоната погодна за живот“, каде не е премногу топло или премногу ладно за формирање на вода во течна состојба: истата област во која се наоѓа и нашата Земјата. Ова не е првата планета налик-Земја која се наоѓа во „погодната зона“; минатата година, интересот беше насочен кон откритието на Кеплер 186f, планета слична по големина како нашата Земја. Сепак, оваа планета орбитира околу ѕвезда од типот на црвено џуџе која е помала и поладна од нашето Сонце. Кеплер 452b орбитира околку ѕвезда која е многу слична на нашето Сонце.

„Ѕвезди кои наликуваат на Сонцето се секогаш омилени, бидејќи знаеме барем еден случај (нашата планета) каде животот успеал,“ вели Сет Шостак, Директорот на SETI (Search for Extraterrestrial Intelligence).

Шостак открива дека потенцијалната населивост на овој свет била толкава што SETI веќе почнала да ја проучува со цел да дознае дали пристигнуваат некакви сигнали од истата (досега не се испитани сите фреквенции), но сепак овие напори засега не дале никакви резултати.

Земја 2.0

Уметничка перспектива од споредба помеѓу Земјата и Кеплер 452b. Заслуги: НАСА/ЈПЛ-Калтек

Иако масата на планетата сè уште не може да биде директно одредена, научниците мислат дека таа би можела да биде 5 пати поголема од онаа на Земјата. Карпеста планета од оваа големина и маса најверојатно сè уште би пројавувала вулканска активност на површината.

Сепак, треба да биде напоменато дека ѕвездата околу која орбитра Кеплер 452b е 1.5 милијарда години постара од нашето Сонце. Од една страна, оваа зголемена енергија од нејзината ѕвезда значи дека било кои океани на нејзината површина најверојатно испаруваат, притоа намалувајќи ја шансата планетата да биде погодна за живот. Од друга страна пак, оваа планета нуди фасцинантна можност да се осознае потенцијалната иднина на нашата планета.

„Доколку Кеплер 452b навистина претставува карпеста планета, тогаш нејзината локација, во однос на нејзината ѕвезда, би можела да укажува дека планетата влегува во фаза на избеган ефект на стаклена градина како период од својата климатска историја,“ вели Даг Калдвел, научник од институтот SETI.“ Кеплер 452b можеби во моментов го искусува она кон што Земјата ќе подложи за повеќе од милијарда години од денес, кога Сонцето ќе се зголеми и ќе стане посветло.“

Земја 2.0

Оваа нова планета се приклучува со останатите планети како Кеплер 186f, илустрирани, како потенцијални Земјолики светови. Заслуги: НАСА

Кеплер 452b беше пронајден во новиот каталог од 500 кандидати за егзопланети добиени од четиригодишното собирање на податоци од телескопот Кеплер. Дванаесет од споменатите 500-тини се два пати помали од Земјениот дијаметар и орбитираат во “зоната погодна за живот“ на својата ѕвезда, но Кеплер 452b е првата која е потврдена со статус на планета. Од оваа причина, таа би можела да претставува само една од многуте Земји 2.0 кои се на прагот да бидат објавени.

„Кеплер 452b нè носи чекор понапред кон разбирањето на тоа колкав е бројот на планети кои се погодни за живот,“ вели Џосеф Твикен, еден од главните научни програмери за мисијата Кеплер.

Иако Кеплер 452b претставува близнак на нашата Земја од аспект на повеќето карактеристики, нејзината големина е 60% поголема од онаа на Земјата. Со тоа кажано, иако НАСА ја смета Кеплер 452b за најдобар кандидат за Земја 2.0, потрагата за подобри планети налик нашата Земја продолжува.

Уметнички приказ на телескопот Кеплер на НАСА. Заслуги: НАСА

Пронаоѓањето на живот на некоја од овие планети е доста потешко. Иако претстојните телескопи, како Џејмс Веб (James Webb Space Telescope) ќе бидат создадени со цел да ги проучуваат атмосферите на егзопланетите и ќе бараат знаци за населивост, растојанието за истото ќе биде ограничено на само 10-тици светлински години од Земјата, вели Шостак. Кеплер 452b, на растојание од 1.400 светлински години е премногу одалечена за да биде внимателно изучувана во моментов.

Сепак една работа е сигурна – шансите за тоа дека сме сами во Универзумот стануваат сè побледи. Дали тоа е Кеплер 452b или Кеплер 186f или некој друг, сè уште неистражен свет, некаде во Универзумот најверојатно постои планета со живот која чека да биде откриена.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: IFL Science

Сподели.