Катаклизмичен настан ја дефинирал еволуцијата на Уран

0

Судир на Уран со објект двојно поголем од Земјата што предизвикал необична оска на ротација на планетата, од симулација со висока резолуција, користејќи над десет милиони честици, обоени според нивната внатрешна енергија. Заслуги: Јаков Кегеррајс / Универзитетот во Дурам

Уран бил погоден од објект приближно двојно поголем од Земјата што ја навалила планетата и што би можело да ги објасни ледените температури, според ново истражување.

Астрономите од Универзитетот Дурам, Велика Британија, воделе меѓународен тим на експерти за да истражат како Уран бил навален на страна и какви последици огромен судир би имал врз еволуцијата на планетата. Тимот ги направи првите компјутерски симулации со висока резолуција на различни масивни судири со ледениот џин за да се обидат да откријат како еволуирала планетата.

Истражувањето ја потврдува претходната студија во која се вели дека навалената оска на Уран е предизвикана од судир со голем објект – најверојатно млада прото-планета направена од карпи и мраз за време на формирањето на Сончевиот систем пред околу 4 милијарди години.

Симулациите, исто така, сугерираа дека остатоците од ударното тело би можеле да формираат тенка обвивка во близина на работ на ледениот слој на планетата и да ја запрат топлината што произлегува од јадрото на Уран. Заробувањето на оваа внатрешна топлина може делумно да ја објасни екстремната студена температура на надворешната атмосфера на Уран (-216 степени Целзиус, -357 степени Фаренхајт), велат истражувачите.

Водечки автор Д-р Јаков Кегерреис, истражувач на Институтот за Компјутерска Космологија на Универзитетот Дурам, рече: „Уран ротира на страна, со својата оска посочувајќи речиси под прав агол во споредба со оските на сите други планети во Сончевиот Систем. Ова речиси сигурно било предизвикано од огромен судир, но знаеме многу малку за тоа како ова всушност се случило и на кои дручи начини таков насилен настан влијаело на планетата.“

„Пробавме повеќе од 50 различни сценарија на судири користејќи супер-компјутер со голема моќност за да видиме дали би можеле да ги рекреираме условите кои ја обликувале еволуцијата на планетата.“

„Нашите наоди потврдуваат дека најверојатното сценарио е младиот Уран да учествувал во катаклизмичен судир со објект двојно поголем од Земјата, ако не и поголем, што го превртил на страна и започнал низа настани што помогнале да се создаде планетата што ние ја гледаме денес.“

Прашалникот останува за тоа како Уран успеал да ја задржи својата атмосфера кога може да се очекува насилниот судир да ја издува во Вселената.

Според симулациите, ова најверојатно може да се објасни ако објектот и задал бавен удар на планетата. Судирот бил доволно силен за да влијае врз наклонот на Уран, но планетата можела да го задржи поголемиот дел од својата атмосфера.

Композитна слика во инфрацрвена бранова должина од двете хемисфери на Уран направена со адаптивната оптика на Кек Телескопот во 2004 год. Заслуги: Lawrence Sromovsky, Универзитет Wisconsin-Madison/W.W. Keck Опсерваторија

Истражувањето исто така може да помогне во објаснувањето на формирањето на прстени и месечини на Уран, со симулации кои сугерираат дека судирот би можел да исфрли карпи и мраз во орбитата околу планетата. Овие карпи и мраз потоа би можеле да се соединат заедно за да ги формираат внатрешните сателити на планетата и веројатно ја смениле ротацијата на веќе постоечките месечини кои орбитирале околу Уран.

Симулациите покажуваат дека судирот би можел да создаде стопен мраз и дупки во карпите во внатрешноста на планетата. Ова би можело да помогне во објаснувањето зошто магнетното поле на Уран не е во центарот на планетата и е навалено.
Уран е сличен на најчестиот тип на егзопланети – планети надвор од нашиот Сончев систем – и истражувачите се надеваат дека нивните наоди ќе помогнат да се објасни како овие планети се развиваат и да разберат повеќе за нивниот хемиски состав.

Превод: Бојана Стефаноска

Извор: Phys

Сподели.