Титан е една од највпечатливите месечини на Сатурн. За разлика од мнозинството Сатурнови сателити, Титан не е карпест објект кој бил повлечен од гравитациското поле на планетата, а не е ниту замрзната сфера. Всушност станува збор за каллив свет, со океани, езера и мориња од метан.
Оваа енигматска, фасцинантна месечина ја набљудува Касини, заедно со останатиот дел на системот околу Сатурн. Титан е познат по тоа што дел од научниците го сметаат за кандидат за вонземски живот.
Од најновите снимки кои ни ги испрати леталото Касини може да се забележи планина која се чини дека е највисоката точка на овој сателит. Таа е дел од планинскиот гребен Митрим Монтес (Mithrim Montes, именуван според локација од романот „Господар на прстените“). Највисоките врвови на Титан кои досега беа набљудувани се околу 3.000 метри, но новооткриениот врв кој е опколен со овие планински гребени ги надминува сите нив, со висина која достигнува 3.337 метри.
Иако атмосферата на Титан е значително дебела, Касини со своите радарски инструменти успеа да продре кон површината и да го смини овој планински врв. Не само што е највисоката точка која досега ја имаме пронајдено на Титан, туку се смета дека така и ќе остане, односно дека на Титан не постои нешто повисоко од овој врв.
Првичната цел на Касини е да бара делови на месечината каде се покажува динамична активност, вклучувајќи и формирање на планини. Фактот дека повеќето од највисоките планини на Титан се крај неговиот екватор навестува дека има или барем имало геолошки активности. Планините на Земјата се формираат кога две тектонски плочи ќе се судрат една во друга. Со тек на време планините треба да се справуваат со две работи: нивната маса, која доколку е доволно голема предизвикува нивно пропаѓање, и временските услови, кои полка ги разгризуваат нивните врвови.
На Титан, покрај тоа што дождовите и реките вршат ерозија врз релјефот, овој процес е многу понеефикасен отколку на Земјата. Но, затоа пак планините на Титан се соочуваат со последиците од сопствената маса. Тие изникнуваат врз замрзната кора, која пак лежи врз потповршински океани. Ова ја прави подлогата многу покревка во споредба со Земјата и се смета дека доколку планините станат помасивни тие веднаш би започнале да тонат назад кон длабочините на Титан. Токму поради ова научниците сметаат дека не би било возможно да се открие уште повисока, односно помасивна планина од веќе пронајдената со рекордна висина.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: IFL Science