Како настанал календарот [втор дел]: Грегоријански календар

0
Како настанал календарот [втор дел]: Грегоријански календар

Римскиот папа Грегориус XIII, по чиј налог е изработена реформата на Јулијанскиот календар.

Една од главните причини кои довеле до реформа на Јулијанскиот календар било славењето на верскиот празник Велигден. Велигден е еден од најголемите христијански празници, кога се празнува воскреснувањето на Исус Христос. Одредени држави (Македонија, Србија и Црна Гора, Русија, Украина) и денес Велигден го слават според стариот Јулијански календар, додека останатите христијански држави Велигден го празнуваат по новиот Грегоријански календар. Откога почнал да се прославува, Велигден бил забранет како државен празник само за време на комунистичката ера во социјалистичките држави.

На првиот Вселенски собир во Никеја во 325 година од оваа ера, на кој учествувал и верски преставник од градот Стобијас или денешно Стоби, решено e Велигден секогаш да се прославува после пролетната рамноденица и еврејскиот празник Пасха (Pascha), и тоа во првата недела по полната Месечина.

Но, како што можевте да прочитате во првата статија од овој циклус посветен на календарите, Јулијанската година оди понапред (скоро еден ден на секои 128 години) во однос на тропската година, па поради тоа доаѓа до појава на вишок денови. Така, според овој календар, во 1582 година Велигден требало да се прославува на 11 март, што не било во согласност со црковниот закон.

За таа цел Римскиот папа Грегориус (Gregorius XIII, вистинското име му е Ugo Buoncampagno, 1502 – 1585) на 24-ти февруари таа година, донесува декрет познат под името Inter Gravissimas, што на латински значи „меѓу најважното“. Реформатори на календарот се всушност германскиот астроном и свештеник Christopher Clavius (вистинското име му е Chrisopher Schiussel, што во превод значи „клуч“, 1538 – 1612) и италијанскиот астроном и физичар Aloysius Lilius (вистинското име му е Luigi Lilio Ghiraldi).

Грегоријански календар

Вистинските реформатори на календарот, Кристофер Клавиус (лево) и Алоисиус Лилиус (десно).

Реформите на новиот календар се состоеле во тоа што прво биле исфрлени 10 дена, така што по тој четврток, 4 октомври, следниот ден станал петок 15 октомври, наместо петок, 5 октомври. Оваа одредба донела голема забуна и побуна кај населението, кое сметало дека им се украдени 10 дена од животот.

Вториот декрет се состоел во тоа што секоја четврта година, како и секоја секуларна година (година од новиот век во која третата и четвртата бројка се две нули) која е делива со 400 без остаток, биле прогласени за престапни години. Така на пример: 1600 година е престапна година, затоа што е делива со 400 без остаток, но 1700, 1800, 1900 не се престапни затоа што кога се делат со 400 има остаток. Според Грегоријанскиот календар и 2100 година нема да биде престапна (делива е со остаток), па така разликата помеѓу Грегоријанскиот и Јулијанскиот календар тогаш ќе се зголеми на 14 дена.

Декретот Inter Gravissimas со кој во 1582 година е извршена реформата на календарот.

Значи, сегашната разлика помеѓу двата календари изнесува 13 дена, кои се добиени од 10-те одземени дена (во 1582 година) и трите секуларни години (1700, 1800 и 1900) кои не биле престапни според Грегоријанскиот календар (во Јулијанскиот календар овие години се престапни).

Реформите на новиот календар донеле уште неколку одредби и тоа: денот кој се јавува како одвишок во престапните години се поместува по 28 февруари (29 февруари); новата година започнува на 1 јануари; Велигден се прославува по новиот Грегоријански календар.

Но, и покрај реформите и кај овој календар се јавуваат грешки.
1982 година е 400-годишнината од формирањето на новиот календар. Од ова произлегува дека за тие 400 години има 97 престапни години (потсетуваме: 1700, 1800 и 1900 не се престапни). Просекот на годините изнесува 365,2425 дена, а според денешните мерења тропската година трае 365,2421890 дена. Разликата е 0,00031 ден. Ако 0,00031 ден го помножиме со 86.400 (колку што има секунди во еден ден), добиваме разлика од 26 секунди. Значи, Грегоријанската година е подолга во просек за 26 секунди од тропската година.

Со проста математика: 86400 : 26 = 3323,07

Значи, според овој календар во 4905-тата година кај Грегоријанската година ќе се појави еден ден вишок во однос на тропската година.

Доколку ја споредиме просечната должина на годината во неколку различни календари со просечната должина на тропската година, ќе ја добиеме следнава табела:

Тропска година:   365 дена, 5 часа, 48 минути и 46 секунди;
Грегоријанска година:  365 дена, 5 часа, 49 минути и 12 секунди;
Ново-Јулијанска година (Миланковиќ):  365 дена, 5 часа, 48 минути и 44,35 секунди;
Календар на Маите: 365 дена, 5 часа, 48 минути и 31,89 секунди;

Од ова произлегува дека календарот на Маите е поточен од Грегоријанскиот календар, кој го користиме денес. Според астрономските пресметки, некаде околу 5000 година соларната година ќе трае 3365,24201, така да разликата ќе се зголеми на 0,00059 дена, што значи уште поголема непрецизност на Грегоријанскиот календар. Грешката во Грегоријанскиот календар ја има признаено и Ватикан.

Први држави кои го прифатиле овој календар биле Италија, Шпанија, Португалија и Полска. Тие почнале да го употребуваат календарот веднаш по реформата во 1582 година. Од табелата можете да видите како одело прифаќањето на календарот од другите држави.

tabelagregorijanskikalendar

Македонија (тогаш во составот на кралството на СХС) Грегоријанскиот календар го користи од 23 јануари 1919 година. На Вселенскиот собир на Православните цркви, одржан во 1923 година во Цариград, решено е да се изврши реформа на Јулијанскиот календар, предложена од српскиот математичар, астроном и геофизичар Милутин Миланковиќ (1879 – 1958). (Постојат докази дека Милутин Миланковиќ, всушност, го препишал овој календар од Максим Трпковиќ алијас Максим Трпковски, роден во Кичево). За основа Миланковиќ (Трпковиќ) го зема Грегоријанскиот календар, но го отфрла правилото за делењето со 400 без остаток на секоја секуларна година.

Според него, првите две цифри од секуларната година (на пример, кај 2000-та првите две цифри се 20) треба да бидат деливи со бројот 9, а остаток да го даваат бројот 2 или бројот 6 (на пример, кај 2000-та година: 20 е делив со 9 и дава остаток 2). Според Грегоријанскиот календар 2100, 2200 и 2300 година нема да бидат престапни, но 2400 ќе биде (делива е со 400). Истото важи и според календарот на Миланковиќ. Разликата помеѓу овие два календари ќе се појави во 2800 година. Според Грегоријанскиот календар оваа година ќе биде престапна (делива е со 400), но според календарот на Миланковиќ нема да биде (28 : 9 = 3 со остаток 1). Значи, според Грегоријанскиот календар престапни години ќе бидат 2400, 2800, 3200 итн., а според календарот на Миланковиќ престапни ќе бидат 2400, 2900, 3300 итн. Календарот на Миланковиќ е многу поточен од Грегоријанскиот календар, но и кај него ќе се јави грешка по 28 800 години, што е релативно голем период.

Иако на Вселенскиот собир на Православните држави одржан на 30 мај 1923 година овој календар е усвоен, сепак тој никогаш не заживеал во пракса.

Текст: Зоран Милчевски

Сподели.