Како настанал календарот: Исламски календар [V дел]

0

Исламскиот календар (Hedzra на арапски или Hidzra на турски), го означува бегството на Мухамед од Мека во Медина, во периодот од 28 јуни до 20 септември. Оттогаш започнува исламското сметање на времето, а за почетен датум е земен 16 јули по Јулијанскиот календар. Овој календар во потполност е лунарен календар. Самиот содржи 12 месеци, кои се базираат на 12-те синодички месеци, и годината се состои од 12 х 29,53 = 354,36 дена. Според ова, исламскиот календар е пократок во однос на тропската година.

Календарот се базира на Куранот (Sura IX, 36-37) и неговото правилно следење е света должност на сите Муслимани. Зборот Куран потекнува од Quranu – арапски збор што значи читање или рецитирање, и претставува света книга на Исламот, која содржи 114 поглавја (сури) со теолошка, митолошка, правна и етичка содржина. Настанал од Мухамедовите изреки и прописи во периодот од 611 до 633 година, кои Алах преку Мухамед ги пренел до народот. Во поголем дел е даден во форма на римувана проза, а одделни стихови се состојат само од два збора или неколку реченици. Вакви стихови има 6616, или вкупно 77 934 збора.

Исламскиот календар е официјален календар во Саудиска Арабија и некои помали земји во заливот. Останатите муслимански држави го користат Грегоријанскиот календар, а Исламскиот календар го применуваат исклучиво за религиозни потреби.

Mapa _SA

Имињата на месеците во Исламскиот календар се дадени во следнава табела:

  турски албански македонски
1 Muharem Muharem Мухарем
2 Safer Safer Сафер
3 Cuma Xhuma Џума
4 R. Ahir R. Ahir Р. Ахир
5 C.Ula Xh. Ula Џ. Ула
6 C. Ahir Xh. Ahir Џ. Ахир
7 Recep Rexhep Реџеп
8 Saban Shaban Шабан
9 Ramazan Ramazan Рамазан
10 Sevval Shevval Шевал
11 Zil Kade Dhul Kade Зул Каде
12 Zil Hice Dhul Hixhe Зул Хиџе

Годините во Исламскиот календар се бројат од Hedzra, односно од пребегнувањето на Мухамед од Мека во Медина.

Мухамед е роден во 570 година, во градот Мека, Саудиска Арабија. Тој бил необразован човек, кој не знаел да чита и пишува, но светиот Куран го знаел напамет. Куранот бил напишан од неговите Асхаби, но под негова ригорозна контрола. На 40 години ја примил првата објава. Веднаш откако започнал со ширење на Исламот, Мухамед и неговите Асхаби биле прогонувани и принудени да се соочуваат со големи тешкотии. Затоа, Алах му наредил да се пресели во Медина. Во период од 23 години тој ја извршил својата пејгамберска мисија и умрел на 63 годишна возраст. Живеел еден совршен живот, кој претставува персонификација на Куранското учење – Исламска верска заедница.

Горенаведеното се случило, под претпоставка, на 16.07.622 година според Јулијанскиот календар, и од тогаш сметаат дека започнува нивната година. Исламскиот календар, за разлика од Грегоријанскиот, е пократок за 10, 11 или 12 дена во зависност од тоа во кој календар е престапната година.

Определувањето на Исламскиот календар во голема мера зависело од набљудувањата во старите опсерватории

Определувањето на Исламскиот календар во голема мера зависело од набљудувањата во старите опсерватории

Во Исламскиот календар нема зимски и летни месеци. Годината трае 354 или 355 дена и при тоа доаѓа до поместување на месеците. Како основа за календарот е земен синодичкиот месец, кој трае 29,53059 или 29 дена, 12 часа, 44 минути и 2,97 секунди. Секој нов месец започнува со појавата на Месечевиот срп, кој се јавува на западната страна, по фазата на млада Месечина. Иако времето на излегување на Месечината може со прецизност да се пресмета, видливоста на српот на младата Месечина доста тешко може да се предвиди. Тоа зависи од различни фактори: метеоролошките услови, оптичката видливост на атмосферата, локацијата на набљудувачот и др. Според ова, информацијата за излегување на новата Месечина во голема мера зависи од опсерваториските центри во муслиманските држави.

Исламската година, која се базира на синодичкиот месец (12 х 29,53059), трае 354,36 дена или 354 дена, 8 часа, 38 минути и 24 секунди. Од ова произлегува дека мора да постои и престапна година. Престапната година се одредува според следната постапка: годината ја делиме со бројот 30, потоа децималниот остаток го множиме со бројот 30, и доколку приближно се добие еден од следните бореви, тогаш годината е престапна:

2, 5, 7, 10, 13, 16, 18, 21, 24, 26 и 29;

На пример, за новата 1426 година, која започна на 10 февруари 2005, имаме:

1426 : 30 = 47,5333
0,5333 x 30 = 15,999 ~ 16

Од ова произлегува дека 1426 година е престапна година, а доколку се земе предвид и фактот дека Грегоријанската 2005 година е проста, тогаш наредната 1427 година ќе започне 10 дена порано во однос на Грегоријанскиот календар. Истото се случува и со религиозните празници. Престапна ќе биде и 1428, 1431, 1434 година итн.

Просечната должина на месеците во овој календар е 29,53056 дена (29 дена, 12 часа, 44 минути и 0,38 секунди) што е релативно прецизна бројка во однос на синодичкиот месец, кој трае 29,53059 (29 дена, 12 часа, 44 минути и 2,97 секунди).
Доколку овој календар се користи на простор со слична географска ширина како нашата, тогаш сите месеци од календарот за времетраење од 10 до 15 години ќе бидат и зимски и пролетни и летни и есенски.

PaintingТреба да се напомене дека според Христијанскиот календар, кај Исламскиот сега треба да е 1383 година (2005 – 622 = 1383). Но, според Исламскиот календар сега е 1426 година. Тоа се случува поради тоа што Исламската година во просек е пократка за 11 дена. Со текот на времето овие два календари ќе се совпаднат, меѓутоа до тогаш треба да поминат уште многу години. Имено, првиот ден од петтиот месец во 20.874-та година по Грегоријанскиот календар приближно ќе се совпадне со првите денови од петиот месец во 20.874 година според Исламскиот календар.

За тоа „Како настанал календарот“, односно првото продолжение од циклусот, кликнете тука.

За да прочитате повеќе за „Грегоријанскиот календар“, односно второто продолжение од циклусот, кликнете тука.

За да прочитате повеќе за „Деновите“ во календарот, односно третото продолжение од циклусот, кликнете тука.

За да прочитате повеќе за „Месеците“ во календарот, односно четвртото продолжение од циклусот, кликнете тука.

Текст: Зоран Милчески

Сподели.