Како изгледаат вонземјаните? Научниците имаат одговори

0

Ова е прашање чиј одговор сигурно ги интересира многумина: како навистина изгледаат суштествата кои не се од овој свет? Одговор понудија многу писатели на научна фантастика, сценаристи и костимографи на филмови од истиот жанр.

Порелевантен одговор ќе добиеме од научниците, но ниту меѓу нив нема уедначено мислење – не можеа да се усогласат за ниту еден параметар за кој можеа да се досетат, без разлика дали станува збор за изгледот, големината или бојата на вонземјаните.

Некои научници сметаат дека вонземскиот живот, а овде станува збор за интелигентни облици на живот, мора да почитува одредени законитости, односно да поседуваат одредени својства кои би овозможиле развој на интелигенција.

Како изгледаат вонземјаните?

Ричард Докинс зборува за сличностите на вонземјаните со луѓето. Заслуги: omgvoice.com

Пред сè, ваков живот мора да се развие на цврсто тло. Животот во море тешко може да напредува повеќе од интелигенцијата на делфинот, бидејќи не може да го открие огнот, ниту да манипулира со металите. Ова се предуслови за развој на ракетна технологија чија што крајна цел е да овозможи прв контакт со други суштества.

Бинокуларен вид исто така е суштински за перцепција на длабочина и тродимензионалност на набљудуваниот објект. Очите мора да се наоѓаат блиску до мозокот за да се скрати времето на прием и обработка на визуелните информации.

Развиени екстремитети исто така се важни; најмалку две нозе, со што се осигурува мобилност, потоа шаки со најмалку три прста кои се предуслов за цврсто држење и манипулација со алати.

Како изгледаат вонземјаните?

Нил Деграс Тајсон смета дека интелигентниот живот не мора нужно да биде сличен на нашиот. Заслуги: Business Insider

Вака наброените услови го доближуваат изгледот на вонземјанецот до изгледот на човекот, а таков став застапува и Ричард Докинс (Richard Dawkins), водечки светски експерт за еволуција. Докинс смета дека протеините и ДНК, како основни градбени блокови за живот, веројатно се универзални. Во тој случај интелигентниот живот, секако, ако го има, веројатно еволуирал на сличен начин како што тоа се случило и овде, на Земјата.

Постои и друга струја на научници на кои горенаведениот опис им изгледа невозможен. Нил Деграс Тајсон (Neil DeGrasse Tyson), познат астрофизичар, вели дека вонземјаните се изградени од истите хемиски елементи како и ние – на пример хелиум, јаглерод, кислород, но тоа не мора нужно да значи дека во обликот сме слични. Според него, животот надвор од Земјата, интелигентен или не, веројатно ќе биде подеднакво чуден и егзотичен исто како некои врсти на живот во нашиот сопствен свет.

Одговор на ова прашање секако нема. Сè додека не се случи контакт со вонземјаните, научниците и понатаму ќе прават обиди да дадат одговор, а ние ќе се восхитуваме (или плашиме) на различните чудесни суштества, во книгите и филмовите, плод на нечија фантазија.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Geek

Сподели.