Како да дебатирате со некој што не прифаќа научни факти

0

Новиот наод покажува дека искажувањето на факти и идентификувањето на реторичките техники на противникот се ефективни начини за намалување на влијанието на скептичните пораки.

Моментално, САД се соочува со најголемата епидемија на мали сипаници по 1992 година. Според Центарот за Управување и Превенција од Зарази (ЦУПЗ) од јануари до сега се потврдени 1000 случаи на мали сипаници. Научните истражувања ја поддржуваат употребата на вакцини против мали сипаници. Сепак, неоправданите грижи во врска со несаканите дејства на вакцините предизвикаа намалување на бројот на истите, а со тоа и враќање на болеста за која се веруваше дека е отстранета од САД уште во 2000 година. „Постои огромна потреба да се дизајнираат добри стратегии со кои ќе им се спротивставиме на негаторите на научни факти, бидејќи очигледно е колкава штета можат тие да нанесат,“ вели Корнелија Бетш, професор по здравствена комуникација при Универзитетот во Ерфрут во Германија.

Бетш и Филип Шмид, докторски студент од нејзината лабораторија, одлучиле да испитаат две стратегии за справувањето со ширење на неточни информации преку јавни дебати: Првата, наречена побивање на теми, се спротивставува на неточните информации во врска со даден проблем преку веќе докажани факти. Друга стратегија, позната како побивање со техника вклучува методи кои негаторите на научни факти ги користат за да ја довадат публиката во заблуда. Во научниот труд објавен на 24 јуни во Nature Human Behaviour, двајцата истражувачи заклучиле дека и двете стратегии го намалуваат влијанието од негаторите на научни факти – посебно кај личности кои се веќе подложни на псевдонаучни верувања.

Според Бетш, спротивставувањето со техники е особено ефективна и економична алатка бидејќи методите кои ги користат негаторите на научни факти се многу слични. Пример за една таква техника, наречена селективност, е избирањето на изолирани научни трудови кои поддржуваат невалидни гледни точки, или пак, потенцирањето на неколку научни трудови со недостатоци за да предизвикаат несигурност во целата научна област. Некои други стратегии потенцираат невозможни научни очекувања, како што е негирањето на вакцинацијата бидејќи истата не е 100% безбедна, иако научните методи никогаш не гарантираат толкава сигурност за кој било медицински производ. Дури и добро познатиот аспирин доаѓа со некои потенцијални ризици и несакани дејства.

„Доколку еднаш ги научите овие техники, ќе можете да ги применувате на различни теми,“ вели Бетш. „Проблемот кај побивањето со теми е тоа што морате да имате добро познавање од научната област, а тоа не е едноставно, бидејќи е потребно многу да истражувате, но дури и кога истражувате, понекогаш е невозможно да знаете се’.“

Бетш и Шмид истражуваа како овие стратегии можат да се спротивстават на против-научната реторика преку 6 онлајн експерименти и собраа податоци од 1 773 партиципанти. Првиот експеримент се состоеше од 4 видови на аудио записи кои ги слушаа 4 различни групи на студенти од Германија. Аудио записите содржеа јавни расправии поврзани со употребата на вакцини каде во првата група на аудио записи немаше никакво спротивставување на неточните научни факти, додека во втората и третата група расправиите содржеа или спротивставување со теми или спротивставување со техника. Четвртата група на аудио записи ги содржеше и двете стратегии за справување со неточни научни факти. Потоа, истражувачите ја повторија оваа постапка уште неколку пати под различни услови, како презентации и текстуални аргументи врз партиципанти од Германија и САД.

Резултатите од експериментите всушност беа добиени така што истражувачите ги анализираа ставовите на партиципантите пред и после експериментот и истите покажаа дека негаторите на научни факти ја намалиле намерата за вакцинација кај партиципантите. Сепак, двете стратегии го намалуваат овој ефект и истите се подеднакво ефикасни, но нивната комбинација не води до никакви дополнителни ефекти. „На крајот од денот, мислам дека ова е позитивен резултат,“ вели Џон Кук, когнитивен научник кој не учествувал во експериментите. „Овој научен труд им дава самодоверба на научниците дека тие можат да користат различни ефективни пристапи.“

Кога Бетш и Шмид ги земаа во предвид политичките гледишта и претходните верувања, тие открија дека влијанието на негаторите е поголемо врз партиципантите кои се веќе скептични кон вакцинацијата, но и врз партиципантите од САД кои се идентификувале како конзервативни. Од друга страна, луѓето со овие особини имаа најмногу корист од стратегиите за спротивставување.

Еден од шесте експерименти беше спроведен на тема глобално затоплување и после анализата на нивните ставови, истражувачите заклучија дека ефектите се послаби на оваа тема. Бетш верува дека ваквите резултати се јавуваат бидејќи овој експеримент беше спроведен врз студенти од Германија кои немале многу влијание од против-научната реторика, а со тоа и нема многу простор за промена. „Мислам дека доколку го реплицирате овој експеримент во САД, резултатите би биле поинакви,“ вели Бетш. „Негаторите на климатските промени во Германија се ретки.“

Овие резултати се спротивставуваат на негативните ефекти кои велат дека дебатирањето со негаторите на научни факти може да ги засили заблудите кај луѓето. Додека повеќе научни трудови покажаа дека ваквите непосакувани резултати се широко распространети, новите истражувања открија дека овој ефект влијае само под одредени услови, како кај луѓе чии основни верувања во врска со функционирањето на општеството се оспорени од страна на новите информации. „Постоеше период кога сите, а особено политичките и психолошките научници даваа огромно значење на ваквиот негативен ефект,“ вели Сендер ван дер Линдер, социјален психолог при Универзитетот во Кембриџ, кој не беше дел од истражувањето. „Ова истражување покажа дека овој негативен ефект не се случува постојано.“

„Загриженоста поради овој негативен ефект ги разубедуваше луѓето јавно да дискутираат со негаторите на научни факти.“ вели Бетш. Таа додава дека откритијата од ова истражување покажуваат дека дури и при лажно балансираните дебати – во кои се претставуваат спротивните гледишта и покрај тоа што доказите во огромна мера поддржуваат само еден аргумент – важно е во расправијата да учествува некој кој може да се спротивстави на против-научните аргументи.

И покрај тоа што стратегиите ефективно го намалуваат негативното влијание од негаторите на научни факти, ван дер Линден вели дека е невозможно истите целосно да го отстранат влијанието од изложување на луѓето на вакви негирања. „Во практиката, проблемот е во тоа што овие стратегии се реактивни,“ додава тој. „Ограничувањето е тоа што доколку научните факти се разгледуваат после неточните факти, се намалува ефектот од овие стратегии во споредба доколку се интервенира превентивно.“

Во последните години, истражувачите почнаа да ги истражуваат така-наречените техники на инокулација, чија цел е да им помогнат на луѓето да идентификуваат начини за ширење на невистини пред тие да бидат изложени на нив. Ван дер Линден и неговите колеги го примениле овој пристап на Bad News, онлајн игра која се стреми да ги научи корисниците на медиумска писменост. Едно истражување со повеќе од 14 000 партиципанти објавено во Palgrave Communications, покажа дека учествувањето во оваа игра го прави корисникот да биде помалку подложен на лажни вести.

Заштитата на луѓето од лажни вести треба да биде приоритет, верува ван дер Линден. Но ова не е секогаш возможно бидејќи дезинформациите се широко распространети. „Понекогаш немате други опции,“ додава тој. „Тоа што овој научен труд покажа е дека овие стратегии за побивање се ефективна начин за спротивставување на негаторите на научни факти.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: scientificamerican.com

Сподели.