Како би изгледал животот на Земјата кога би ја немале Месечината?

0

„Најзначајно во патувањето кон Месечината не е тоа што човекот стапнал на неа, туку тоа што оттаму можел да ја види Земјата“ – Норман Казинс (Norman Cousins).

Како би изгледал животот на Земјата кога би ја немале Месечината?

Заслуги: Fahad Sulehria

Што би било различно на Земјата доколку Месечината не постои? Нашето најблиско вселенско тело има огромно влијание врз нас. Со негова помош не само што се обликувала нашата биолошка еволуција, туку таа влијаела и врз еволуцијата на целата планета. Месечината, нашиот верен сопатник, со нас е во орбита уште од памтивек. Настанала пред околу 4,5 милијарди години, кога нашиот Сончев Систем бил во својот зачеток, по ударите на планетоидите (веројатно по големина слични на Марс) во младата прото-Земја. Целосно е разбирлива и прифатлива тезата дека животот на Земјата би постоел и без Месечината, но работите значително би се разликувале. Некои промени би биле очигледни, други суптилни, но во секој случај би постоеле мнгоу работи кои би ги забележале. Ова се само неколку работи кои на Земјата би биле различни доколку не би постоела Месечината.

Не би постоеле затемнувања

Сонцето непрестано ја осветлува Земјата, правејќи сенка која се протега на милион километри. Сепак, без нашиот природен сателит, оддалечен само неколку стотици илјади километри, не би постоел објект кој би поминувал преку сенката на Земјата, па со тоа не би имало ниту затемнување на Месечината. Освен тоа, не би постоело ниту затемнување на Сонцето. Сенката на Месечината скоро да е еднаква на оддалеченоста на Земјата од Месечината; без Месечината не би имало сенка, ниту диск кој би го блокирал дискот на Сонцето. Следниот голем објект којшто може да помине помеѓу Земјата и Сонцето е Венера, па иако таквото случување е многу интересно, тоа би било најблиску до затемнување на Сонцето кое би можеле да го видиме кога не би постоела Месечината.

Како би изгледал животот на Земјата кога би ја немале Месечината?

Заслуги: Wadsworth Publishing / ITP (L), Sagredo

Плимата и осеката би биле поретки, и под влијание на Сонцето

Иако дијаметарот на Сонцето е 400 пати поголем од оној на Месечината, Сонцето во просек е и 400 пати повеќе оддалечено од нас. Тоа објаснува зошто двете тела се движат под ист агол во однос на Земјата. Меѓутоа, Сонцето е само 27 милиони пати помасивно од Месечината. Зошто „само“? Затоа што би требало да има 64 милиони пати од масата на Месечината, за да го има истото влијание врз плимата и осеката на Земјата, како што тоа влијание го има Месечината. Плимата и осеката предизвикани од Сонцето би имале само 40% од силата на Месечевите мени. Кога Сонцето и Месечината се порамнети, било кај младата или за време на полната Месечина, доаѓа до т.н. пролетна плима, која изнесува 140% од големината на просечната плима, а кога Сонцето и Месечината се под прав агол имаме појава на т.н. Мртви мени кога плимите се 60% помали од вообичаеното. Без Месечината, обрасците на нашите морски мени би биле мнгоу поедноставни. Плимите би биле 40% од големината на денешните. Не е некоја голема промена, но секако би била видлива.

View post on imgur.com

Ноќите би биле многу многу потемни отколку што сме навикнати

Ако некогаш сте ја поминале ноќта во природа, но без Mесечина и без било каков извор на светлина, сигурно сте забележале две работи. Првиот е дека убавината на ноќното небо ве остава без здив, бидејќи можете да забележите илјадници ѕвезди, Млечниот Пат, па дури и десетици нависитна далечни објекти во длабокиот Универзум – и сето ова со голо око. Друго што ќе забележите е фактот дека не можете да видите ниту прст пред око. Сонцето е далеку посјајно од Месечината. Полната Месечина има само 1/400.000-ти дел од Сончевата летна светлина. Сепак, следниот најсјајен објект на небото, Венера, има само 1/14.000 дел од светлината на полната Месечина. Додека Месечината е на небото, имаме пристоен ноќен вид. Без Месечината, нашиот вид не би бил ефективен, за што може да посведочи секој кој кампувал без извор на светлина. Можеме сосема сигурно да кажеме дека нашиот вид би се развил сосема поинаку да не беше Месечината и дека нашето доживување на темнината би било сосема различно.

Како би изгледал животот на Земјата кога би ја немале Месечината?

Заслуги: Defence.pk

Денот на Земјата би бил значително пократок

Денот би траел само 6 до 8 часа, т.е. би имале 1100-1400 дена во годината.

Како би изгледал животот на Земјата кога би ја немале Месечината?

Заслуги: Tim Thompson

Се чини дека нашиот ден, кој трае 24 часа, од година во година воопшто не се менува. Во реалноста, промени постојат, но тие се толку мали што е потребен цел век за да бидат воочливи. Земјината ротација се успорува незначително благодарение на триењето од плимата предизвикана од Месечината. Успорувањето е многу мало и се мери во микросекунди на годишно ниво. Дури за 4 милиони години веќе не ќе мораме да имаме престапна година за да го одржиме календарот функционален. Кога Сонцето вечно би постоело, Земјата евентуално би успорила и би постанала „плимски врзана“ на ист начин на којшто Месечината е „плимски врзана“ со Земјата, поради што секогаш ја гледаме само едната нејзина страна. Во тој случај, денот наместо 24 часа би траел 47 Земјини часови. Во реалноста ова не може да се случи, бидејќи до тогаш Сонцето одамна ќе го има завршено својот животен век.

Наклонетоста на Земјата при ротирањето околу својата оска со текот на времето значително би варирала

Земјата ротира околу својата оска под агол од 23,5° во однос на нормалата на еклиптиката. Ова е точно, но дали некогаш сте се запрашале што ја спречува Земјата да го промени овој агол? Кај комплексните колебања во движењата, како нутација и прецесија (кај кои доаѓа до промена во вртењето на половите пришто небесниот пол опишува кружница околу Северниот пол на еклиптиката), може да се случи колебањето да ја зафати целата планета. Марс е одличен пример за ова – моментално е навален под агол од 24° во однос на еклиптиката, но познат е фактот дека кај цикличното колебање, движењето околу сопствената оска на кое е Марс изложен, аголот со текот на времето се менува од 15° до дури 35°.

Како би изгледал животот на Земјата кога би ја немале Месечината?

Заслуги: Mathieu Dumberry

Земјата е специфична бидејќи на неа делуваат надворешни сили кои ја стабилизираат. А знаете ли кој е одговорен за тоа? Во право сте, станува збор за нашата Месечина. Благодарејќи на Месечината, нашата оска стабилно е навалена под агол од 23°, до, со текот на времето 26° и така е веќе стотици милиони години. Без Месечината ништо не би можело да ги спречи катастрофалните промени при вртењето околу Земјината оска.

Веројатно некогаш сме биле како Меркур, без никаков наклон на оската на ротација и соодветно на тоа, без никакви измени во годишните времиња. Или можеби сме биле како Уран, кој има најекстремни измени во годишните времиња.

Во секој случај, следниот пат кога ќе ја земете Месечината здраво за готово, размислете колку различен би бил животот и целата историја на развој на животот на Земјата кога овој сателит не би постоел.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Znanost

Сподели.