Астрономите објавија дека Вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST) успешно ги сними првите директни слики на јаглерод диоксид на планета надвор од нашиот Сончев систем. Ова откритие не само што го демонстрира капацитетот на телескопот, туку и дава вредни информации за формирањето на планетите во Универзумот.

Најјасниот поглед во инфрацрвениот спектар досега на иконскиот мултипланетарен систем HR 8799.
(Фото кредит: NASA, ESA, CSA, STScI, W. Balmer (JHU), L. Pueyo (STScI), M. Perrin (STScI))
Системот HR 8799 – редок поглед кон млади планети
Најновите набљудувања со JWST беа фокусирани на системот HR 8799, кој се наоѓа на околу 130 светлосни години од Земјата во соѕвездието Пегаз. Овој систем содржи четири џиновски планети, секоја со маса поголема од Јупитер и орбити кои траат со децении до векови.
Овој систем долго време ги интригира астрономите, бидејќи е релативно млад – стар само 30 милиони години. Овие планети сè уште емитуваат топлина од нивното формирање, што му овозможи на JWST да ги анализира нивните атмосфери. Телескопот откри присуство на јаглерод диоксид на една од планетите, HR 8799 e, што укажува на висока концентрација на тешки елементи, потврдувајќи ја теоријата дека планетите се создаваат постепено од дискови со гас и прав околу млади ѕвезди.

Овој графикон прикажува спектар на една од планетите во системот HR 8799, HR 8799 e, кој ги покажува количините на блиску-инфрацрвена светлина детектирани од планетата од страна на Веб на различни бранови должини.
(Фото кредит: NASA, ESA, CSA, STScI, W. Balmer (JHU), L. Pueyo (STScI), M. Perrin (STScI))
Две теории за создавање на планети
Научниците долго време дебатираат дали планетите се формираат постепено преку собирање на материјал (“од долу нагоре”), или со брз гравитациски колапс на гасот (“од горе надолу”). Новите податоци од JWST сугерираат дека процесот може да биде покомплексен и дека двете теории можеби коегзистираат.
JWST открива инфрацрвена светлина од HR 8799 e
Телескопот исто така регистрираше инфрацрвена светлина од највнатрешната планета во системот, што е значајно бидејќи малку егзопланети биле директно снимени. Поради тоа што овие далечни планети често се засенети од светлината на нивните ѕвезди, JWST ја демонстрира својата исклучителна способност да набљудува вакви слаби објекти.
Истражувања на системот 51 Еридани
Покрај HR 8799, телескопот го снимил и ѕвездениот систем 51 Еридани, кој е оддалечен 97 светлосни години. Особено интересна е планетата 51 Еридани b, млада и ладна егзопланета која орбитира на растојание од околу 17,7 милијарди километри од својата ѕвезда, што е слично на растојанието меѓу Сатурн и Нептун во нашиот Сончев систем.

NIRCam (Блиску-инфрацрвена камера) на вселенскиот телескоп Џејмс Веб на NASA/ESA/CSA ја сними оваа слика на Eridani 51 b, ладна, млада егзопланета која орбитира на околу 11 милијарди милји (17,7 милијарди километри) од својата ѕвезда.
(Фото кредит: NASA, ESA, CSA, STScI, W. Balmer (JHU), L. Pueyo (STScI), M. Perrin (STScI))
Што значи ова за потрагата по живот во Универзумот?
Новите набљудувања отвораат можности за подлабока анализа на егзопланетите и нивната атмосфера. Истражувањата на вакви џиновски планети се клучни за разбирање на нивното влијание врз помалите, карпести планети како Земјата. Според научникот Вилијам Балмер од Универзитетот Џонс Хопкинс, ваквите масивни планети може да имаат улога на „кегли за боулинг“, значително менувајќи ја стабилноста на планетарните системи.
Со понатамошни набљудувања, научниците ќе можат подобро да разберат како различни планетарни системи се формираат и како тоа се споредува со нашиот Сончев систем. Новото истражување за HR 8799 e и 51 Еридани b е објавено во научното списание The Astrophysical Journal.
Скопско астрономско друштво