Јапонска компанија сака да создаде вештачки метеорски дожд

0
Јапонска компанија сака да создаде вештачки метеорски дожд

Персеиди – природен метеорски дожд Заслуги: Muskoka Stock Photos/Shutterstock

Јапонска компанија планира да лансира минијатурни сателити во Земјината орбита, кои би можеле да испуштаат мали топчиња, по желба, и на тој начин да се создаде вештачки метеорски дожд. Така, родендените и свадбите би можеле да се прославуваат на спектакуларен начин.

Зa време на процесот на создавање на првиот минијатурен сателит со кој би се извршило пробно испуштање на мали топчиња од компанијата АЛЕ (ALE) се надеваат дека ваквиот вештачки метеорски дожд би можел да се спореди и со природните метеорски дождови. „Замислувам дека ќе создадеме уникатни метеорски дождови што би оставиле силен впечаток кај луѓето што ќе ги гледаат“, објаснува Лена Окајима, извршен директор на АЛЕ.

Во соработка со професори од повеќе универзитети од Токио, во план е да се создадат минијатурни сателити што би испуштале дванаесетина топченца. Тие би паѓале на Земјата со околу 8 километри во секунда, осветлувајќи го небото со различни бои додека итаат кон површината.

Овој проект ќе биде полезен и за науката. Со него се нуди ретка можност научниците да го истражуваат делот од атмосферата кој е на околу 60 километри од површината. Овој дел од атмосферата е висок за балони, а премногу низок за сателити, па ако би знаеле каде би гореле точно овие мали топчиња, преку нив ќе може да се добијат важни податоци за температурата и густината на овој дел од атмосферата.

Нормално, користењето ваква услуга – вештачки метеорски дожд ќе биде скапа, па ако сакаме да ја користиме би требало да почнеме да штедиме. Со оглед на тоа што компанијата ќе мора да си ја врати инвестицијата, една „паѓачка ѕвезда“ ќе чини околу еден милион јени (8.100 долари).

Превод: Јован Поповски

Извор: IFLS

Сподели.