Јапонија планира да испрати сонда до месечина на Марс

0
Јапонија планира да испрати сонда до месечина на Марс

Заслуги: ESA/DLR/FU Берлин (G. Neukum)

Јапонската вселенска агенција ЈАКСА има намера да прати летало до една од месечините на Марс за да собере примерок од нејзината површина, а потоа леталото да се врати на Земјата и да се направи анализа на тој примерок. Ако ЈАКСА успее, тоа ќе биде првото летало направено од човек коешто слетало на една од Марсовите месечини.

Како што напредувала вселенската технологија, целите на мисиите интензивирале – од прости сонди кои патуваат низ Вселената и испраќаат податоци, до софистицирани летала кои се во можност да слетаат на други небесни тела и да се вратат назад. ЈАКСА успешно испрати летало на астероид, собра примероци и се врати на Земјата во текот на мисијата којашто траеше од 2003 до 2011 година. Исто така и Европската вселенска агенција испрати сонда на комета минатата година.

Плановите за новата јапонска мисија сè уште не се завршени. За овој проект потребна е сума пари одобрени од владата, во просек 241 милиони долари. Целта на оваа мисија ќе бидат Фобос или Деимос, месечините кои кружат околу Црвената планета. ЈАКСА има зацртано прелиминарен датум до кога би ја започнала мисијата, а тоа е до 2022 година. Ваквите мисии не се без ризик. Пример за тоа е Русија, која ги постави истите цели, изгради сонда и ја прикачи на врвот на една ракета, но леталото никогаш не отиде во Вселената, бидејќи се сруши кратко по лансирањето во 2011 г., означувајќи неуспех за Руската вселенска програма.

Ако ЈАКСА успее во оваа мисија, се верува дека примероците кои ќе ги добиеме би ни помогнале да го објасниме потеклото на една од месечините (некои научници веруваат дека двете месечини се астероиди привлечени од гравитацијата на Марс, бидејќи се многу мали) или прашања околу исчезнување на водата од површината на Марс. Исто така би можело да помогне за мисиите кои вклучуваат човечки екипаж за на Црвената планета, како што би било првично слетување на луѓето на една од месечините, користејќи ја како „отскочна даска“, бидејќи има помалку гравитација би било полесно да се слета на месечина отколку на друга планета, па и летањето помеѓу Фобос и Деимос би било побезбедна опција. Минатата недела НАСА објави планови да изгради база на малечкиот Фобос, со пречник од само 16 километри, што е нешто како напуштен остров во море во вселената.

Превод: Марко Панушковски

Извор: Phys

Сподели.