Изложба на астрофотографии „Поглед во недоглед“

0

Чест ни е да ве поканиме на нашата трета изложба на астрофотографии, насловена „Поглед во недоглед“, во среда, 08.02.2017, од 20 часот во Музејот на град Скопје.

На изложбата ќе бидат претставени фотографии од ѕвездени траги, ноќни пејзажи, објекти од Сончевиот Систем, бројни маглини и ѕвездени јата, блиски и далечни галаксии… Фотографиите се направени од членовите на Друштвото на локации во Македонија и Европа во изминативе 3 години.

Границата на можности на човечкото око е очигледна при набљудување на ведрото ноќно небо. Сè што можеме да видиме се неколку илјади ѕвезди, тесна магловита структура која се простира од хоризонт до хоризонт, неколку планети, а неретко и метеори и сателити. Оние кои знаат каде да погледнат, на доволно темно небо можат да видат и две соседни галаксии. Сепак, овие глетки се доволни за да поттикнат возбуда, љубопитност и желба да се посведочат промените и процесите кои нашите очи не можат да ги видат. Користејки моќни телескопи и дигитални камери, членовите на Скопското астрономско друштво доловија дел од овие глетки, кои со задоволство би сакале да ги споделиме со вас.

Доколку сакате да ја помогнете работата на Друштвото и да понесете дел од Вселената во вашиот дом, купете некоја од нашите астро-фотографии.

Poster_izlozba_2017

Изложбата ќе биде отворена до 16.02.2017. Ве очекуваме!

Скопско астрономско друштво

Сподели.