Научници при Оксфорд универзитетот можеби решија едно од најголемите прашања во модерната физика, со ново истражување кое ги содинува темната енергија и темната материја во еден феномен: флуид кој поседува „негативна маса.“ Ако би турнале негативна маса, таа би забрзала кон вас, во спротивната насока. Оваа вчудоневидувачка нова теорија исто така би можела да потврди и една од прогнозите на Ајнштајн од пред сто години.
Сегашниот општоприфатен модел на Универзумот, наречен ЛамбдаЦДМ, не ни кажува ништо за физичките особености на темната материја и темната енергија. Тие ни се познати само заради нивните гравитациони влијанија врз други, видливи, небесни тела.
Овој нов модел, објавен на 5ти декември во Астрономија и Астрофизика, од д-р Џејми Фарнс од Центарот за е-истражувања на Оксфорд при катедрата за инженерски науки, нуди ново објаснување. Д-р Фарнс вели: „Сега мислиме дека темната материја и темната енергија би можеле да се обединат во флуид кој поседува еден вид на „негативна гравитација,“ која одбива било каков вид на материја околу себеси. Иако ваквиот проблем ни е чуден, истиот ни покажува дека универзумот е симетричен во неговите позитивни и негативни елементи.“
Постоењето на негативна материја беше отпишано од претходно, мислејќи се дека ваквата материја би се проретчила со ширењето на универзумот, што противречи на набљудувањата кои покажуваат дека темната енергија не се проретчува со тек на време. Но, истражувањето на д-р Фарнс користи „создавачки тензор“ кој го допушта постојаното создавање на негативни маси. Тоа демострира дека кога се повеќе и повеќе негативни маси постојано се самосоздаваат овој флуид на негативна маса не се проретчува при ширењето на космосот. Всушност, флуидот е наизглед ист со темната енергија.
Исто така, теоријата на д-р Фарнс ги дава првите точни пресметки за начинот на однесување на халоата од темна материја. Повеќето галаксии се вртат толку брзо што би требало да се раскинат самите себеси, што предлага дека постои невидливо „хало“ од темна материја кое ги задржува во еден дел. Новообјавеното истражување содржи компјутерска симплација на особеностите на негативната маса, која го предвидува создавањето на халоа од темна материја исти со оние досега заклучени од набљудувањата на модерни радиотелескопи.
Алберт Ајнштајн го направи првиот чекор кон разбирањето на „темниот универзум“ пред точно сто години, кога во неговите равенки откри параметар наречен „космолошката константа,“ за кој сега знаеме дека е еднаков со темна енергија. Ајнштајн ја нарече космолошката константа неговата „најголема збрка,“ иако ововремени астрофизички набљудувања докажуваат дека таа е вистински феномен. Во белешки од 1918, Ајнштајн ја опишува неговата космолошка константа, пишувајќи дека „потребна е промена на теријата со која „празниот простор“ би заземал улога на гравитирачки негативни маси кои се распоредени низ целиот меѓуѕвезден простор.“ Со тоа, можно е самиот Ајнштајн да предвидел универзум полн со негативна маса.
Д-р Фарнс вели: „Претходните пристапи кон спојување на темна енергија со темна материја се обидоа да ја променат Ајнштајновата теорија на општа релативност, што се докажа како речиси невозможно. Овој нов пристап зема две идеи за кои се знае дека се усогласливи со Ајнштајновата теорија – негативни маси и создавање на маса – и ги соедини.“
„Резултатот изггледа прекрасно: темната материја и темната енергија можат да се обединат во една единствена супстанца, со тоа што објаснувањето за двете појави е материја со позитивна маса која лизга врз море од негативни маси.“
Ќе добиеме докази за теоријата на д-р Фарнс од испитувањата на најсовремениот радиотелескоп познат како Квадратно километарската низа (Square Kilometer Array – SKA), меѓународен напор за да се изгради најглемиот телескоп на светот во кој уествува и Оксфорд. Д-р Фарнс додава: „Сеуште треба да совладаме многу теоретски проблеми и компјутерски симулации, и ЛамбдаЦДМ има триесетгодишна предност, но со нетрпение очекувам да видам дали оваа нова и надоградена верзија на ЛамбдаЦДМ може да се совпадне со други космолошки докази. Ако може, тоа би значело дека има естетско решение за оние 95 проценти од универзумот кои недостигаат: сме заборавиле да ставиме минус.“
Превод: Јоаким Јаковлески
Линк: phys.org