Објавени се две нови истражувања кои нудат нови докази за постоењето на масивна планета на работ од нашиот Сончев Систем.
Објектот, именуван како Планета Девет, беше предложен на почетокот од оваа година, но сè уште е далеку од директно набљудување. Се верува дека се наоѓа на оддалеченост од Сонцето околу 70 пати повеќе споредено со Земјата, па набљудувањата се тешко остварливи. Постоењето на Девета Планета беше предложено за прв пат во 2014 година од астрономите Скот Шепард (Scott Sheppard) и Чедвик Трухијо (Chadwick Trujillo) од Институтот за наука Карнеги, Вашингтон.
Засега, астрономите бараат други потецијални ефекти кои овој објект може да ги има врз Сончевиот Систем. Истражувачите од Институтот за Технологија во Калифорнија (Caltech) заедно со предлагачите на Планетата Девет – Мајк Браун (Mike Brown) и Константин Батигин (Konstantin Batygin) – сметаат дека наклонот од шест степени забележан кај Сонцето во однос на рамнината на Сончевиот Систем всушност е предизвикан од влечењето на Деветата Планета.
„Бидејќи Деветата Планета е многу масивна и има наклонета орбита споредено со другите планети, Сончевиот Систем нема друг избор, освен да се помести од порамнувањето“ изјавила главната авторка Елизабет Бејли (Elizabeth Bailey) во една изјава. Таа додава дека веројатно наклонетоста на орбитите на сите осум официјални планети од 6 степени во однос на Сонцето е последица на Планетата Девет.
Првата статија, достапна онлајн и објавена во Astrophysical Journal, се фокусира на аголниот импулс на потенцијалната планета врз ротирањето на нашата ѕвезда. Се смета дека кога Планетата Девет е најблиску до Сонцето, се наоѓа на растојание од 200 астрономски единици, а кога е најдалечна се наоѓа до 1200 астрономски единици (за споредба, кога планетата Плутон е во афел, таа е на растојание од 49,3 астрономски единици).
Објект со маса барем 10 пати поголема од Земјата, на толку широка орбита и со очекувана инклинација од 30 степени, ќе предизвика нишање кај Сонцето.
Друго истражување, објавено во Astropshysical Journal Letters, се фокусира на различни докази. Веројатно орбитите на четири мали објекти во Кајперовиот појас, вклучувајќи ја и малата џуџеста планета Седна, не се случајни. Причината на овој космички балет изгледа е масивен објект со атрибути многу слични на очекуваните за Планетата Девет.
„Ги анализиравме податоците од овие најдалечни објекти од Кајперовиот Појас и забележавме нешто чудно, што укажуваше дека тие се во некаква резонанца со досега неоткриена планета“ изјави Рену Малхотра (Renu Malhotra) од Универзитетот во Аризона. „Нашата работа нуди поспецифични процени за масата и орбитата кои оваа планета би можела да ги има, и уште поважно, ограничувањата на неговата моментална позиција во рамки на својата орбита.
Ниту едно од истражувањата не претставува убедлив доказ за постоење на Планета Девет. Brown и неговите колеги истражуваат надвор од Сончевиот систем во потрага за Планетата Девет и мислат дека ќе биде потребно три или повеќе години за целосно да истражат.
Истражувањата за Планетата Девет вклучуваат напори за пронаоѓање на овој свет на нашето небо. Ова е клучно во истражувањето, бидејќи се работи за планета со огромна и елиптична орбита и со мали шанси за успех во догледно време, изјавил Браун.
Можно е Планетата Девет во моментов да се наоѓа во афел, можеби лоцирана на 1000 астрономски единици од Сонцето, во дел од небото со големина од околу 400 квадратни степени, изјавил Браун (за споредба, полна Месечина гледана од Земјата покрива околу 0,5 степени од небото).
Астрономите изјавија дека Планетата Девет можеби е 4 пати поширока од Земјата и таков објект би бил лесно видлив со професионална опрема ако се наоѓа релативно блиску до Земјата. Планетите со високо елиптични орбити најголем дел од своето време го поминуваат во афел, бидејќи патуваат најбавно на овој дел од нивната траекторија.
Објект 4 пати поголем од Земјата лоциран на 1000 астрономски единици би имал магнитуда од околу +25 на астрономската скала, објаснува Браун.
Превод: Александра Бошкова
Извор: IFL Science, Live Science