Интерстелар: Што од филмот е научно невозможно, а што е точно?

0

SPOILER ALERT!
Доколку сè уште не сте го гледале филмот, а планирате да го гледате, се препорачува да го одложите читањето на овој текст.

Интерстелар: Што од филмот е научно невозможно, а што е точно?

Ѕвездите на филмот – Ен Хатавеј, како Бренд (лево) и Метју Меконахи како Купер (десно).

Епскиот филм на Кристофер Нолан, Интерстелар (Interstellar) пред неколку недели стана достапен за публиката ширум светот. За кратко време, тој веќе се здоби со пофалби, како и со критики за начинот на кој ја прикажува сложената наука која стои зад него. Многумина се запрашуваат – колку од тоа навистина е така?

На ова прашање одговараат неколку експерти на темата: професорот Мартин Барстоу (Martin Barstow), претседател на Кралското астрономско друштво (Royal Astronomical Society), писателот од областа на науката за Вселената, Ли Билингс (Lee Billings), како и Мет Каплан (Mat Kaplan) од Планетарното друштво (The Planetary Society).

Црвји дупки не постојат (или барем ниту една не ни е позната).

Во филмот, бестрашните истражувачи користат црвја дупка поставена во близина на орбитата на Сатурн, со цел да пристигнат во друг планетарен систем. Објаснето е дека ова вклучува „свивање“ на просторот, што резултира со можност луѓето да патуваат на огромни далечини за многу кратко време. Аналогијата која е искористена вели дека доколку свиткате парче хартија, можете да стигнете на две оддалечени точки на хартијата скоро во истиот миг. Дали ова е теоретски возможно?

Професорот Барстоу воопшто не верува во нивното постоење и смета дека објаснувањето за тоа како една таква црвја дупка би функционирала е во доменот на научна фантастика, бидејќи не постои ниту еден директен доказ дека вакви објекти воопшто постојат во Универзумот. Билингс, пак, вели дека ваквиот концепт прави меѓуѕвездените патувања да изгледаат истовремено и полесно и потешко изводливи отколку што навистина се. Примамливо е да се размислува за тоа дека можеби некаде постојат црвји дупки и дека можеме да патуваме низ пет димензии, но да се тврди дека мораме да се потпреме на границите на чудата на физиката е ограничувачки исто толку колку што дава надеж. Се чини многу полесно да се патува на старомодниот, потежок начин, кој не се потпира на чуда.

Интерстелар: Што од филмот е научно невозможно, а што е точно?

Илустрација на црвја дупка, онака како што е замислена и опишана во филмот.

Невозможно е да се преживее во црна дупка…

Во една од завршните и најважните сцени на крајот од филмот, протагонистот Купер се одделува себеси од вселенското летало Ендјуранс (Endurance), за да ја намали неговата тежина и да ѝ овозможи на Бренд да пристигне на другата населива планета. Штом влегува во црната дупка, која го носи името Гаргантуа (Gargantua), го гледаме како патува во нејзината внатрешност. Но, дали некој навистина може да преживее во црна дупка?

Професорот Барстоу вели: „Не. Гравитациското поле е екстремно силно и се менува многу брзо. Се претпоставува дека сè што паѓа во неа станува како шпагети, истегнато од гравитацијата. Значи, не постои можност било што или било кој да преживее во црна дупка. Комуницирањето надвор од неа исто така е невозможно.“

„Мислам дека доколку астронаутите успеат да стигнат толку блиску до акрецискиот диск околу супермасивна црна дупка, како на филмот, навистина нема да си поминат убаво“, вели Билингс. „Супер-вжештениот материјал кој се натрупува околу хоризонтот на настани би излевал огромно количество радијација, па се чини многу надежно да се мисли дека може безгрижно да се лизгаме над него без да се истопиме. Постоењето на населиви планети на вакво место е исто така сомнително.“

…но околу црна дупка би можеле да орбитирате.

Бренд орбитира околу црната дупка и се извртува околу за да пристигне на една од планетите во овој егзопланетарен систем. Дали тоа е возможно?

Според професорот Барстоу, „можете да орбитирате околу црна дупка сè додека не ѝ се приближите премногу.“

„Во астрономијата многу често гледаме системи во орбита околу црна дупка, најчесто систем со ѕвезда. Со сигурност можете да ги видите овие системи, но штом влезете во нејзиниот хоризонт на настани, се случуваат драматични физички настани, пришто влегувате внатре по спирален пат и таа ве проголтува.“

Можно е да постојат планети околу црна дупка, но веројатно не би биле населиви.

Истражувачите посетуваат планетарен систем кој не само што орбитира околу црна дупка, туку има и потенцијално населиви планети. Додека идејата за можност за живот на вакви планети можеби изгледа присилено, се чини дека не е нереална.

„Не постои причина зошто тие не би орбитирале околу црна дупка, иако досега ова не е детектирано. Проблемот е во тоа колку е стабилен системот“, вели Барстоу. „Сè што е во орбита на црната дупка е надвор од границите на сигурноста, но е совршено возможно. Сепак, поголеми се шансите околу неа да орбитира ѕвезда, а околу ѕвездата планетарен систем. Планетарен систем поврзан директно со црна дупка веројатно би бил вовлечен во неа.“

„Мислам дека Интерстелар не е филм за планетарни научници, туку за физичари“, вели Билингс. „Има многу проблеми поврзани со планетите. На пример, има планета со огромни плими, но водата не е подлабока од висината на глуждот или колената. Не е јасно што ги создава овие луди плими, можеби црната дупка, но доколку привлекувањето е толку силно, истото ќе се манифестира на многу други начини освен како огромни бранови.“

Интерстелар: Што од филмот е научно невозможно, а што е точно?

Моделот на црна дупка за филмот Интерстелар, базиран на пресметките од д-р Кип Торн (Kip Thorne), открива дека околу црните дупки би имало извртени халоа од светлина и материја. За овој модел се смета дека е најверниот приказ на црна дупка изработен досега.

Колку што ни е познато, не постои „благ сингуларитет“.

Ликот Ромили (Romilly) во филмот тврди дека црната дупка има само „благ сингуларитет“ во своето јадро, што можеби е причина за помалку смртоносните услови во планетарниот систем кој го посетуваат. Постои ли сингуларитет кој е понежен?

Професорот Барстоу вели: „Важно е да се напомене дека постојат црни дупки со различни маси. Сингуларитетот, во суштина, е централната точка, но концептот гласи дека сите црни дупки се конечна маса која не исчезнува во просторот – на тој начин ги детектираме, бидејќи масата влијае на материјата околу нив. Кажано поедноставно, во зависност од тоа колкаво е количеството на маса, би заземале различни волумени од просторот.“

Според Каплан, постои некоја научна основа за тоа: „Сè уште знаеме многу малку за тоа што се случува во близина на црна дупка. Имаме теорија која објаснува сè до хоризонтот на настани, но потоа никој не знае. Додека самите не истражиме некоја црна дупка, доколку тоа некогаш се случи, или измислиме инструменти кои ќе ја истражат, сè се сведува на теорија.“

Начинот на кој астронаутите стареат поради проширувањето на времето е точен.

Екипажот во филмот старее многу поспоро од своите колеги на Земјата, поради ефектите на временската дилатација или проширување, теоретизирано од Алберт Ајнштајн. Теоријата вели дека како што луѓето патуваат со брзина поблиска до онаа на светлината, времето минува поспоро. Ова е нешто што експериментално е докажано на Земјата.

„Телата кои патуваат со различни брзини го доживуваат времето различно. На пример, астронаутите кои стигнале до Месечината, а кои патувале побрзо од сите други луѓе, би остареле многу малку поспоро од било кој човек на Земјата, иако не доволно за истото да се забележи. Но, штом се доближите до брзината на светлината, што инаку е многу тешко да се постигне, би ги забележале овие ефекти. Ова го приметуваме кога набљудуваме објекти во Универзумот кои се движат многу брзо,“ вели професорот Барстоу.

Интерстелар: Што од филмот е научно невозможно, а што е точно?

Според мислењето на Ли Билингс, вселенското летало Ендјуранс, прикажано на филмот, го претставува точниот начин на кој идните астронаути би можеле да ја истражуваат Вселената.

Вртечкото вселенско летало Ендјуранс претставува добар начин да се создаде вештачка гравитација, но неговата „магична пропулзија“ е дискутабилна.

Главното вселенско летало, Ендјуранс (Endurance), кое на филмот се користи за патување меѓу ѕвездите, според експертите изгледа прилично реалистично. Она што се чини невозможно е едноставноста со која вселенското летало пристигнува и одлетува од планетите.

„Ендјуранс изгледа многу возможно, кога станува збор за вештачка гравитација која се врти наоколу за да ја симулира силата која ги спречува коските да се распаднат во микрогравитацијата,“ според Билингс. „Главната нереалистична работа се однесува на пропулзијата, со помош на која тие успеваат да им избегаат на екстремните извори на гравитација на планета која прави луѓето да остарат цела деценија за само еден час. Би сакал нашата НАСА да поседува такво гориво, затоа што така би можеле да пристигнуваме на местата многу побрзо!“

Каплан, од друга страна, смета дека ваквите пропусти се дозволиви, кога се работи за раскажување на одлична приказна.

Како вам ви се допадна приказната?

Превод: Марина Димовска

Извор: Daily Mail

Сподели.