Индекс на поволност за живот кај егзоппланетите кој ќе ја олесни идната потрага по вонземски живот

0
Индекс на поволност за живот кај егзоппланетите кој ќе ја олесни идната потрага по вонземски живот

Телескопот Џејмс Веб (James Webb Telescope), голем инфрацрвен вселенски телескоп со 6.5-метарско огледало е предвидено да се лансира во октомври 2018 година, од Француска Гвинеа. Ова ќе биде главната опсерваторија на НАСА во следната декада и ќе им помага на илјадници астрономи низ светот. Извор: НАСА.

Астрономите од Виртуелната планетарна лабораторија при Универзитетот на Вашингтон измислија начин за споредба и рангирање на егзопланетите, за да се одреди кои од илјадниците пронајдени далечни планети треба да добијат приоритет при дополнителните истражувања во склоп со потрагата по вонземски живот. Новиот мерен систем, наречен индекс на поволноста за живот на транзитните планети беше објавен и во научното списание Astrophysical Journal .

Вселенскиот телескоп Кеплер им овозможи на астрономите да детектираат илјадници далечни егзопланети надвор од нашиот систем, кои е невозможно да се истражат една по една. Телескопот Џејмс Веб, чие лансирање е предвидено во 2018 година, ќе овозможи мерење на атмосферскиот состав на карпестите планети – потенцијални кандидати слични на Земјата.

Голем дел од планетите се откриваат при нивниот транзит или преминување пред ѕвездата, при што се блокира дел од светлината која ја гледаме. Сателитот за Потрага по транзитни егзопланети (TESS) ќе се лансира во 2017 година и ќе открие многу повеќе планети.

Индекс на поволност за живот кај егзоппланетите кој ќе ја олесни идната потрага по вонземски живот

Астрономите Рори Барнс и Викторија Мидоус од UW го создадоа индексот кој мери поволност за живот на транзитните планети. Заслуги: Rory Barnes

Лансирањето и употребата на ваквите телескопи е скапа, а работата со нив одзема многу време. Токму затоа, овој индекс ќе биде корисна алатка за да им помогне на астрономите при одлуката кои планети да бидат меѓу првите кои ќе ги истражиме дополнително. Традиционално, предноста се дава на планетите чии орбити се во рамките на зоната поволна за живот околу ѕвездата, односно теоретски би требало да имаат температури кои ќе овозможат присуство на вода во течна состојба на површината. Ова е добар почетен чекор. Но, сепак остануваат уште стотици кандидати од кои треба да се избере.

Новиот индекс го олеснува елиминирањето на некои од кандидатите. Астрономите можат да додаваат вредности кои потоа ќе резултираат со едноцифрен број на индексот кој ќе ја претставува веројатноста за една планета да одржува вода во течна состојба на површината. Земени се предвид карпестите карактеристики на планетите, како и феноменот наречен „екцентрична-албедо дегенерираност“. Станува збор за еден вид на балансирачки акт помеѓу албедото на една планета (енергијата која се рефлектира назад кон Вселената од површината) и орбитата, која влијае на применото количество енергија од ѕвездата домаќин. Овие две дејства се неутрализираат, односно што повисоко е албедото, повеќе енергија и светлина ќе бидат рефлектирани во Вселената, оставајќи помалку за загревање на површината и евентуално потпомагање на животот. Што помалку кружна орбита на планетата, повеќе интензитет на енергија која ја добива кога поминува блиску до ѕвездата. Тимот научници кои работеле на развивањето на овој индекс утврдиле дека најдобрите кандидати за живот би биле оние планети кои добиваат 60 до 90 проценти од ѕвездените зраци кои ги добива Земјата од Сонцето.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Phys

Сподели.