Илон Маск смета дека најверојатно живееме во компјутерска симулација

0

Во интервјуто кое неодамна го даде на Code Conference во Калифорнија, технолошкиот претприемач Илон Маск изјави дека најверојатно живееме во компјутерска симулација. Првичната реакција е дека ова тврдење е претерано. Но, дали сепак мислењето на Маск може и да е основано?

Клучен аргумент во неговото тврдење е фактот дека компјутерските игри се имаат особено брзо развиено во последните 40-тина години, до таа мера што за неколку години може да се очекува да станат толку реални, при што компјутерски создадениот и контролиран свет незабележливо би се споил со физичкиот свет. Со други зборови, на чекор сме до создавање на збогатена реалност (Augmented Reality, AR) во комбинација со вештачка интелигенција. Како резултат на тоа може да биде невозможно да се направи разлика помеѓу она што е реално и она што е симулирано.

Како што вели Маск: „Ако претпоставиме дека и во иднина ќе има одредена стапка на развој на игрите, тогаш дури и кога таа стапка би паднала на илјадити степен од она што е денес, игрите нема да се разликуваат од реалноста. Да замислиме дека сме 10.000 години во иднината, што не е ништо на еволутивното скалило. Со оглед на тоа што јасно сме на пат да развиеме игри кои не би се разликувале од реалноста и кои би се играле на сет-топ боксови (set-top box) или на компјутери, и доколку претпоставиме дека ќе има милијарди такви компјутери или сет-топ боксови, тогаш следува заклучокот дека шансите ние да живееме во нултата реалност се еден во милијарди.“

Идејата дека луѓето живеат во реалност која е контролирана од други ентитети, било да се тоа компјутери или нешто друго, е присутна веќе некое време. Ова прашање со векови го истражувале филозофите, па дури и физичарите. Филозофот Ник Бостром (Nick Bostrom) дошол до истиот заклучок во 2003 год.

Сличностите на аргументите кои ги нудат Маск и Бостром одат и подалеку од претпоставката дека сме дел од голема компјутерска симулација. И двајцата сметаат дека развојот на вештачката интелигенција е опасно поле од технологијата. Според Маск, напредокот во развојот на вештачката интелигенција ќе резултира со крај на цивилизацијата. И Бостром има сличен став, доколку не се изврши соодветна проценка на ризикот на секој проект за развој на ваквата интелигенција.

Факт или фикција?

Но, дали сето ова е само параноја? Овие тврдења во голема мерка наликуваат на научно-фантастичните филмови, како што се „Матрикс“ или „2001: Вселенска одисеја“. Но, дали Маск и Бостром имаат валидна причина за загриженост?

Тврдењето дека сега не живееме во симулација силно е поддржано од неколку аргументи. Земете ја само предвид компјутерската моќ потребна да се води една таква симулација. Системот за симулација би морал да управува со сите ентитети во светот и сите нивни интеракции. За ова е потребно обработка на многу податоци. Дополнително во прилог одат и аргументите поврзани со квантната механика – за да се води навистина веродостојна симулација на еден град, со сите негови трилијарди интеракции, потребен е компјутер голем колку еден град. Заради ова, мала е веројатноста да постоиме во симулација.

Дури и да постои машина која би можела да го симулира нашето постоење, голема е веројатноста тогаш да доживуваме моменти на т.н. „фалична реалност“. Баговите во симулацијата би се гледале или слушале како резултат на грешките во моделот. На пример, ѕвездите би можеле да се појавуваат или да исчезнуваат кога би ги гледале преку телескопи со различно зголемување. Во симулација од ваков размер, ова би биле неизбежни грешки, но такви грешки досега не се забележани од луѓето.

Машините кои користат супер интелигентен софтвер кој сам учи уште се далеку од сегашните можности, а системите кои користат вештачка интелигенција работат во доста тесно дефинирани полиња. Сегашните системи учат како да ја оптимизираат својата работа во специфични домени, а не за да го поробат светот.

На пример, за предвидување на промените на пазарот на акции се користат невронски мрежи, кои понекогаш се опишуваат како електронски модели на мозокот. Со користење на постоечките податоци од тргувањето со акции, овие системи може да се обучат да ги учат и препознаат шаблоните во протокот на податоци кои можат да навестат дека нешто ќе се случи. Како резултат на ова, тргувачите може да преземат мерки за ублажување на негативните резултати.

Постојат и системи кои се развиени со помош на техники на вештачка интелигенција, чија задача е да го намалат обемот на работа со примена на програмирани правила и факти. Овие системи се познати како „системи базирани на знаење“ (knowledge-based systems). Иако луѓето кои ги користат овие системи можеби и не знаат дека комуницираат со машина, и овие машини се дизајнирани да работат на добро дефинирани проблеми или области.

Со оглед на ограничените полиња во кои се развиени системи на вештачка интелигенција, опасноста нашата цивилизација да го доживее својот крај како резултат на создавање на вештачка интелигенција е доста мала. Вештачката интелигенција најмногу се користи за поддршка на одлуките и постапките на луѓето, а не за нивна замена.

Алтернативна реалност

Но, сепак, некои аспекти од размислувањето на Маск имаат поголема веројатност да се реализираат во иднина.

Еден од тие е развојот на технологија за потпомагање на поврзаноста помеѓу луѓето и машините. Како што секојдневниот живот станува сè позависен од меѓусебно поврзани уреди, начинот на кој ги користиме овие уреди постојано се менува. Нашата желба за пристап по информации и комуникација ја предводи еволуцијата на технологијата што се носи (wearable technology).

Маск тврди дека ќе станеме инфериорни во однос на вештачката интелигенција доколку не развиеме ефективна поврзаност помеѓу мозокот и компјутерот. Но, таткото на технологијата што се носи и збогатената реалност, Стив Ман (Steve Mann), го промовира спојувањето на двете технологии во корист на општеството. Ова носи повеќе тежина со оглед на тоа што доста истражувања во оваа област се фокусираат на изработка на медицински системи за поддршка. На пример, една област на истражување е создавање на мозочни импланти кои ќе создаваат електрични сигнали во мозокот и ќе го стимулираат движењето на парализираните екстремитети.

Како и да е, без грижа. Најверојатно не живееме во компјутерска симулација, а изјавите на Маск се малку ексцентрични.

Идниот развој на збогатената реалност и сличните технологии ќе нè понесе во свет кој е многу поповрзан. Во овие збогатени реалности би имале навидум непречен пристап до информации и дигитални репрезентации кои ќе бидат проектирани во физичкиот свет. Вештачката интелигенција ќе ни помага во толкувањето на информациите и ќе носиме одлуки поткрепени од компјутерите. Иако ќе бидат збогатени, овие реалности сепак ќе бидат дел од реалниот свет.

Превод: Б. Д.

Извор: IFL Science

Сподели.