JWST погледнува во „Окото на Саурон“

0

Што ќе се случи со Сонцето и со нашиот Сончев систем во далечната иднина? Одговорот на ова прашање не го бараме само во теоријата, туку и на небото, набљудувајќи постари ѕвезди слични на Сонцето кои се наоѓаат во завршните фази од својот живот.

Ништо не трае вечно, па ни ѕвезденото гориво. Кога една ѕвезда како Сонцето ќе го потроши водородот во своето јадро, таа ја напушта главната низа, се проширува и станува црвен џин. Потоа, постепено ги отфрла своите надворешни слоеви во вселената. Токму овие процеси ги гледаме кај т.н. планетарни маглини, едни од најубавите објекти во космосот.

Споредбена слика на маглината Хеликс снимена со телескопот VISTA и со вселенскиот телескоп James Webb.

Маглината Хеликс е еден од најпознатите примери на планетарна маглина. Таа се наоѓа на околу 650 светлосни години од Земјата, во соѕвездието Водолија, и поради својот впечатлив изглед често е нарекувана „Окото на Саурон“. Нејзината форма и релативната близина ја прават омилена цел на аматерските астрономи и астрофотографи.

Долги години, најпознатата слика на маглината Хеликс доаѓаше од вселенскиот телескоп Хабл, добиена по специјална кампања од повеќе орбити. Таа фотографија им овозможи на астрономите и на јавноста да ја видат маглината со досега невидена острина. Но, денес на сцената стапува новиот космички набљудувач, вселенскиот телескоп James Webb.

Класичен поглед на маглината Хеликс снимен со вселенскиот телескоп Хабл.

Благодарение на својата моќна инфрацрвена визија, James Webb ни овозможува уште подлабок поглед во структурата на оваа маглина. Силниот ѕвезден ветер и зрачењето од централната, умирачка ѕвезда ги оттурнуваат гасовите што биле исфрлени во текот на нејзината еволуција. Сепак, меѓу нив постојат погусти региони кои му се спротивставуваат на овој процес.

Овие структури се познати како кометарни јазли. Тие навистина наликуваат на комети, со светла „глава“ и издолжена „опашка“ од гас и прашина. Во маглината Хеликс се познати околу 40.000 вакви јазли, а секој од нив може да биде поголем од целиот наш Сончев систем, ако се мери до орбитата на Плутон.

Споредбена слика на маглината Хеликс снимена со телескопот VISTA и со вселенскиот телескоп James Webb.

Планетарните маглини се релативно краткотрајни по астрономски стандарди. Маглината Хеликс е стара околу 10.000 до 12.000 години, што значи дека е веќе во позрела фаза. Во наредните десетици илјади години таа ќе продолжи да се шири, ќе станува сè побледа и на крајот целосно ќе се распрсне, враќајќи го својот материјал во меѓуѕвездената средина.

Оваа судбина го очекува и нашето Сонце. По фазата на црвен џин, тоа ќе ги исфрли своите надворешни слоеви и ќе остане мало, густо бело џуџе кое полека ќе се лади милијарди години. Материјалот што ќе биде исфрлен може повторно да учествува во создавање нови ѕвезди и планети.

Можеби токму во таков материјал, некаде во далечната иднина, ќе се формира нов свет со течна вода и услови за живот. Така, маглината Хеликс не е само слика на ѕвезден крај, туку и потсетник дека космосот постојано се обновува.

Скопско астрономско друштво

Сподели.