Хабл откри месечина околу џуџестата планета Макемаке

0

Ѕиркајќи во периферните делови на нашиот Сончев Систем, вселенскиот телескоп Хабл забележа мала, темна месечина која орбитира околу Макемаке, втората најсветла џуџеста планета по Плутон во Кајперовиот појас.

Месечината, која претходно беше наречена М2, е 1300 пати побледа од Макемаке и се наоѓа на одаалеченост од 21.000 километри од џуџестата планета и има пречник од 160 километри, додека пречникот на Макемаке е 1400 километри.

Кајперовиот појас е огромен резервоар на остатоци од замрзнати материјали од создавањето на Сончевиот Систем пред 4.5 милијарда години и дом на повеќе џуџести планети. Некои од овие светови имаат познати месечини, но ова е првпат да се открие месечина околу Макемаке.

Откривањето на месечината може да обезбеди битни информации за системот на џуџестата планета. Со мерење на орбитата на месечината, астрономите можат да ја пресметаат масата на системот и неговата еволуција. Откривањето на месечината исто така ја зајакнува идејата дека повеќето џуџести планети имаат сателити.

Пронаоѓањето на месечината само ја зголеми сличноста помеѓу Макемаке и Плутон. За двата објекти се знае дека се покриени со замрзнат метан. Како што беше направено и со Плутон, дополнителното истражување на сателитот ќе помогне во полесно откривање на густината на Макемаке.

На истражувачите ќе им бидат потребни повеќе набљудувања со Хабл за да се утврди дали орбитата на М2 е елиптична или кружна. Првичните податоци укажуваат на тоа дека орбитата е кружна, а месечината прави еден круг околу Макемаке за 12 дена или подолго. Определувањето на формата на орбитата на месечината ќе помогне во решавање на прашањето за неговото потекло. Тесната и кружна орбита значи дека М2 најверојатно е производ на судир помеѓу Макемаке и друг објект од Кајперовиот појас. Ако орбитата е широка и издолжена, тогаш најверојатно станува збор за објект од Кајперовиот појас.

Постојат повеќе можности кои објаснуваат зошто месечината има црна површина иако орбитира околу џуџеста планета која е светла како снег. Една идеја е дека за разлика од големите објекти како Макемаке, М2 е доволно мал и не може гравитациски да ја задржи светлата, замрзната кора која се трансформира од цврста во гасовита агрегатна состојба додека е изложена на Сончева светлина. Ова ја прави месечината слична на кометите и другите објекти од Кајперовиот појас кои се покриени со темен материјал.

Превод: Дарко Рафаиловски

Извор: NASA

Сподели.