Астрономите со помош на вселенскиот телескоп Хабл на НАСА можби ја забележаа најдалечната космичка леќа. Моќната гравитација од оваа масивна елиптична галаксија ја зголемува светлината што доаѓа од далечната спирална галаксија соборувајќи го претходниот „леќен“ рекорд за 200 милиони години.
Гравитациската леќа е феномен каде предметот од преден план ја зголемува, осветлува и искривува сликата на подалечните објекти зад себе кои обично се премногу бледи за да бидат видени со телескопи. Огромното гравитациско поле на овој елипсовиден монструм ја одбива светлината што минува низ неа, на начинот на кој било која оптички леќа ја искривува светлина за да формира слика.
Можете да видите како изгледала гигантската елипсовидна галаксија пред 9,6 милијарди години во левата зголемена сликата погоре. Ја добива својата црвена боја од светлото на постарите ѕвезди и е една од најсветлите членови во далечниот кластер на галаксии наречен IRC 0218.
Исто така, во левиот дел, посветлите формации во горниот десен и долниот лев агол се искривени, зголемени форми на подалечната спирална галаксија која се наоѓа на 10,7 милијарди светлински години од Земјата. По одземање на елипсовидниот гигант, ќе ја добиете спиралната галаксија во зголемената слика погоре десно. Се чини сина поради сјајот на младите ѕвезди. (Белата боја е веројатно простор во кој се формираат ѕвезди.)
„Кога ќе погледнете пред повеќе од 9 милијарди години во раниот Универзум, не очекувате да најдете ваков вид на галактичка (галаксија – галаксија) гравитациска леќа воопшто“, вели Ким-Вју Тран од Тексас А&М Универзитетот во соопштението. „Многу е тешко да се види усогласување меѓу две галаксии во раниот Универзум. Замислете дека гледате низ лупа. Дури и ако ја држите во испружена рака, вие сè уште ќе видите зголемен објект. Но, ако ја движи лупата низ собата„ – објаснува Тран – „шансите за гледање на објектите низ лупата совршено подредени во средината со другите објекти надвор од неа се намалуваат.“
Тран и колегите комбинирале спектроскопски податоци од В.М. Кек опсерваторијата на Хаваи и на Хабл со цел да утврдат дека посветло обоените делови и синиот во облик на веѓа во близината на извалканата сина точка околу големата елиптична галаксија се всушност две слики од истата спирална галаксија.
Од ова произлезе шанса тимот да ја измери вкупната маса на гигантската галаксија, вклучувајќи ја и масата на темната материја, од проучување на интензитетот на нејзиниот ефект на гравитациска леќа на светлината на позадинската галаксија. Таа тежи 180 милијарди пати повеќе од нашето Сонце.
Познати се стотици галактички леќи, но скоро сите од нив се релативно блиски. Со ваква далечна леќа „можеме да научиме за содржината на темната материја на галаксиите во далечното минато … [и] како содржината на темна материја еволуирала со текот на времето“ објаснува авторот на студијата Кенет Вонг на Академијата Синика при Институтот за астрономија и астрофизика во Тајпеј. И покрај својата огромна големина, оваа галактичка леќа е нормална во однос на содржината на темна материја. Таа веројатно ќе продолжи да расте во текот на следните 9 милијарди години канибализирајќи ги соседните галаксии.
Превод: Боро Костевски
Извор: IFLS